Основното јавно обвинителство во Тетово покрена постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – загрозување на безбедноста според член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, на 9 декември, во заедничкиот дом во Тетово, имал жестока расправија со својата сопруга заради продолжениот кабел кој што таа го купила, а не сакала да му го позајми. Во моментот на гнев, тој ја напсувал и ѝ се заканил дека ќе ја избрка од домот заедно со нивните две малолетни деца или дека ќе ја фрли низ прозорецот на четвртиот кат. По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово одреди мерка притвор во траење од 8 дена за осомничениот.




