Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека Соединетите Држави ја прекинуваат целата трговска соработка со Шпанија. „Не сакаме да имаме никакви врски со Шпанија“, изјави Трамп за време на прес-конференцијата во Овалната соба, во присуство на германскиот канцелар Фридрих Мерц. Тој истакна дека му дал наредба на министерот за финансии Скот Бесент да ги прекине „сите бизниси“ со оваа европска држава и членка на НАТО.
Трамп критички се осврна на Шпанија во контекст на реакциите на сојузниците по американскиот ракетен напад врз Иран. Во меѓувреме, шпанската телевизија РТВЕ информираше дека Мадрид им ускратил на САД пристоп до своите воздушни бази за активности што не се во согласност со постојните договори и Повелбата на Обединетите нации.
Како што покажуваат податоците од платформата FlightRadar24, најмалку 15 американски авиони го напуштиле базите Рота и Морон на југот на Шпанија, по почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран. Шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Албарес, изјави дека Шпанија нема да дозволи користење на своите воени бази за нападите врз Иран. Иако базите се заеднички управувани од САД и Шпанија, тие подлежат на шпански суверенитет.




