„Телма“: Лелеци, крикови, солзи и плач пред „8 Септември“, роднините на пациентите гневот го истураат врз докторите и сестрите

Лелеци, крикови, солзи и плач – ваква траорна атмосфера пред Ковид болницата во „8 Септември“ ја пречекала екипата на ТВ „Телма“.

„Нервозни роднини на починати пациенти од ковид 19, со солзи во очите бараат информации од медицинскиот перонал за смртта на најблиските. Напнатост и нервоза лебди во воздухот, но не се ретки и вербални закани кон медицинските лица кои се на раб и на физичка пресметка“, се вели во описот (прочитајте повеќе ТУКА).

Како што пренесуваат медиумите, синоќа во болницата имало уште еден инцидент со роднина на пациент. Имено, сопруг на пациентка, кој бил нервозен и не можел да чека, бесот го истурил и физички нападнал медицинска сестра во лабараторијата.

Директорот на болницата – Христијан Костов, вели дека ја разбира нервозата на пациентите, но посочува и дека медицинскиот персонал не е виновен и дека, и покрај тоа што е преморен од борбата со пандемијата и за спас на секој живот, професионално си ја завршува работата и го дава својот максимум. Докторите во болницата, истакнува тој, дневно прегледуваат и по 200 пациенти со потешка состојба. Нервозата кај пациентите и роднините, вели, е разбирлива и логична кога има толку голем број на лица на кои им е потребна помош на едно место. И покрај тоа, додава директорот на болницата, медицинскиот персонал мора да биде заштитен, бидејќи е еден и незаменлив, а е во функција и помага на голем број пациенти.

Во меѓувреме, вчера под напад, додека интервенирала, се нашла и екипа на Итната медицинска помош, пренесува „Сител“. Според извори од полицијата, двајца роднини на пациентка чија здравствена состојба била влошена, ги нападнале медицинските лица откако овие им укажале да стават заштитни маски за да можат да интервенираат. Двете лица почнале да ги навредуваат и да удираат по комбето. Повеќе ТУКА.

 

 

- Реклама -