Семејството Тавитјан, познато по својата работа како перкусионисти, сподели незаборавна фотографија од средбата со претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Oваа средба беше организирана во знак на поддршка на иницијативата за заштита и зачувување на македонските ритми во глобални рамки, иницијатива која претседателката со задоволство ја поздрави.
Во објавата на Тавитјан (јуниор) се истакнува дека за првпат во историјата на Македонија и светот, македонската ритмика е стручно презентирана и заштитена на високо признати американски и европски платформи, енциклопедии и компании од областа на тапанарството. Посебен акцент се става на „Тешкото“, изведено на тапан и современи инструменти, како и на уникатниот 7/8 такт — ритмичка форма која е карактеристичен белег на македонската традиција.
Гаро (јуниор) истакнува дека во моментов е најуспешниот балкански тапанар на глобалните платформе за тапанари, со над 60 видеа и соработки, вклучувајќи и со добитници на Греми награди. Тој исто така спомнува дека неодамна стана единствениот артист од Источна Европа што е дел од важна светска енциклопедија за ритмика.
Средбата со претседателката беше и признание за долгодишната меѓународна активност на браќата Тавитјан — бројни концерти ширум светот, повеќе од 150 снимените албуми за различни уметници, како и проектите кои го афирмираат македонскиот музички идентитет, меѓу кои е и „Македонско срце кое чука во 7/8“.
Гаро (јуниор) нагласува дека уникатноста на акцентските целости и изведбата на македонските ритмички форми е богатство на кое му припаѓа на целиот народ — наследство кое треба да се почитува и зачува. Тој упатува дека музиката е „код на љубовта и хармонијата“ и дека во време на глобални предизвици, културниот идентитет и меѓусебната почит се темел за вистинска уметничка и човечка хармонија.
Со оваа средба, семејството Тавитјан јасно потврдува дека македонската ритмика — особено 7/8 — не е само традиција, туку жив и динамичен културен код што достојно се презентира пред светската јавност.
Фото: Принтскрин/Facebook




