Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објави дека до Основниот кривичен суд во Скопје е поднесен обвинителен предлог против Раде Ристовски, кој е член на поширокото обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, за кривично дело „телесна повреда“. Обвинителството тврди дека, по претходна вербална расправија во нивниот семеен дом, обвинетиот физички ја нападнал оштетената, удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, а потоа ја фатил за вратот и започнал да ја дави.
Во текот на нападот, жената претрпела телесни повреди и психичка вознемиреност. Според информациите од обвинителството, оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, кога со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил мобилниот телефон. Неволната жена, заедно со ќерката, побарала помош од сосетка, која ги примила во својот дом.
Со обвинителниот предлог е поднесено и барање за продолжување на мерката притвор, поради опасност од бегство и ризик од повторување на делото. Обвинителството истакнува дека обвинетиот живее во заеднички дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи се случило насилството.



