„Светлински нишки“ – хуманитарна вечер со порака за одговорност и свест на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – Вечер …1963

„Нишки од светлина“ е наречена донаторската вечер што е планирана за 29 јануари со почеток во 19 часот во Станица 26, Скопје. Овој настан ќе означи официјално отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта ќе обедини уметност, музика и граѓанска свест, испраќајќи една единствена порака за одговорност, грижа и потребата од длабока општествена промена.

Фондацијата „Фросина Кулакова“ се основа на принципот дека животот не е случаен, туку одговорен – на личен, институционален и општествен план. Културата на грижа и правда не се постигнува со декларации, туку преку конкретни, хумани чекори. Затоа, Фондацијата функционира не само по трагедиите, туку и како превентивна платформа која поддржува оние кои остануваат за да создаде јавен притисок за поправеден однос кон безбедноста, животот и човечкото достоинство.

На настанот ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела на македонски уметници, а средствата собрани од вечерта ќе се искористат за психосоцијална и правна поддршка на семејства погодени од сообраќајни несреќи, активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот и унапредување на културата на одговорност, како и поддршка на млади креативци, во чест на Фросина.

Посебен миг на вечерта ќе биде премиерата на химната „Фросина“, напишана од Александар Митевски, во изведба на хорот „Фрида“ под управата на Сузана Турунџиева. Баладата, создадена со искрена почит кон Фросина, носи силна порака за смисла, одговорност и промена. Текстот е дело на Огнен Неделковски, а музиката и аранжманот се на Александар Митевски, создадени во момент на силна емоција. Демо-снимката, изведена од самитеот автор, е избрана за финална верзија поради нејзината автентичност.

Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина, со цел да создаде долгорочна платформа за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот и обезбедување психосоцијална поддршка за семејствата соочени со последиците од сообраќајни инциденти. Од Фондацијата истакнуваат дека зад секоја трагедија се крие долг и тежок процес на соочување со загубата.

„Сфативме дека болката не исчезнува, но со соодветна поддршка може да се носи без да се изгуби внатрешниот баланс. Психолошката помош ни помогна да ја пронајдеме силата за продолжување со животот, без гнев и осуда. Оваа вечер ја перципираме не само како настан, туку и како почеток на подлабок процес на грижа и одговорност“, велат од семејството Кулакова.

Донаторската вечер на 29 јануари во Станица 26 е првиот чекор во реализацијата на мисијата на Фондацијата – да ја претвори тишината по трагедиите во глас за промена и повик за колективна одговорност.