Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, се одржа впечатлива изложба која ја истакна виталноста на современата македонска ликовна сцена. Галерискиот простор беше преполн, сведочејќи за силниот интерес и посветеноста на публиката кон уметничкото доживување.
Настанот создаде уникатно опкружување на внимание, концентрација и внатрешна тишина, каде секое уметничко дело, секоја боја и форма беа доживеани како живо присуство.
Изложбата „На тивок начин“, на известниот македонски уметник Маријан Ѕингаров, свечено ја отвори директорот на центарот, проф. д-р Зоран Пејковски. Во неговото обраќање, тој потенцираше длабочината на овој проект, нагласувајќи дека делата на Ѕингаров не се само визуелни објекти, туку простори на интензивна концентрација и интроспективна интеракција. Директорот истакна дека изложбата повикува на внатрешна будност и внимателно доживување, каде секој слој боја, секоја линија и сенка стануваат носители на меморија и присуство, создавајќи атмосфера во која гледачот не само што гледа, туку активно учествува во создавањето на смислата на слободата. Тој се осврна и на ликовната генијалност на Ѕингаров, укажувајќи дека авторот надминува класичната рамка на сликарството, градејќи современа визуелна филозофија, односно уметност која мисли, чувствува и остава траење.
На отворањето се обрати и амбасадорката Агнеза Руси – Поповска, која ја нагласи важноста на културната дипломатија како мост помеѓу народите. Таа истакна дека изложби како оваа не се само уметнички настани, туку живи примери за тоа како уметноста може да надмине граници, да поттикне дијалог и да ја афирмира културната поврзаност помеѓу државите. Амбасадорката ја поздрави иницијативата на Македонскиот центар за поддршка на современата македонска ликовна сцена и нагласи дека оваа изложба е јасен доказ за креативниот капацитет на македонските уметници.
Гледишта изрази и истакнатиот бугарски уметник и професор на Ликовната академија во Софија, Момчил Мирчев. Тој го нагласи уникатниот визуелен јазик на Ѕингаров, кој создава дела што функционираат како автономни простори на мисла и доживување. Мирчев истакна дека делата на Ѕингаров комбинираат физичка присутност со метафизичка отвореност, што им овозможува на гледачите да влезат во нивниот внатрешен ритам и доживеат интроспективно искуство на присуство.
Изложбата „На тивок начин“ се издвојува по способноста да воспостави длабок и интимен однос со публиката. Делата не се откриваат веднаш, ами бараат внимание, трпение и концентрација. Секој слој, секоја текстура и боја носат извесна тајна, создавајќи длабочина која не се исцрпува со еднократното гледање, туку продолжува да живее во свестa на секој посетител.
Формите во сликите на Ѕингаров се на граница меѓу материјалното и апстрактното. Контурите се расплинуваат, боите се земјени со акценти на темноцрвена и тиркизна – нијанси кои асоцираат на традиционално визуелно наследство, но штом се трансформираат во современ, личен израз. Ритамот во композициите е внатрешно доживуван, како музика без звук, каде паузата и тишината имаат исто значење како и бојата и формата.
Тишината во делата на Ѕингаров не е отсутна, туку активен медиум на присуство и духовна длабочина. Таа ја обликува формата, ја нагласува меморијата на времето и создава простори за размислување, слично на музичките паузи во композиции на големите мајстори.
Речиси од филозофска перспектива, овие дела не се само визуелни објекти, туку светови кои се живеат. Тие повикуваат на интроспекција и активно учество на гледачот во создавањето на смислата. Во секој контакт со платното, гледачот станува дел од процесот, а доживувањето на сликата се трансформира во метафизичко искуство.
Настанот во Македонскиот центар во Софија повторно ја потврди улогата на оваа институција како културен репер и жив мост помеѓу македонската и бугарската уметничка сцена. Тоа е простор кој не само што ги презентира уметничките вредности, туку создава услови за искрено доживување.
Со оваа изложба, Маријан Ѕингаров уште еднаш ја потврдува својата позиција како автор кој ја надминува класичната рамка на сликарството и гради современа визуелна филозофија – уметност која мисли, чувствува и трае.
„На тивок начин“ не е само наслов, туку став и естетика на внимателност, на внатрешна длабочина. Тоа е тишина што не молчи, туку зборува најсилно, најдлабоко и најдолго.



