Пред една година за првпат ја сретнавме тестовата верзија на можноста за додавање екстензии во Edge, а денес оваа функција официјално е достапна за корисниците на мобилната верзија на овој прелистувач. Очекувано, оваа новина најпрво пристигнува на Android верзијата од Microsoft Edge, додека изгледите за нејзино појавување на iOS се мали во блиска иднина. Со овие новини, Microsoft Edge се приклучува кон конкуренцијата како што е Mozilla Firefox, прелистувач кој повторно доби поддршка за екстензии во 2023 година, откако истата беше повлечена неколку години. Иако помалите прелистувачи често нудат ваква опција, претходно поголемите го избегнуваа таквиот пристап. Очекувано, не сите екстензии од десктоп верзијата се достапни за мобилната платформа, а во почетокот бројот на екстензии е ограничен. Сепак, на корисниците им се овозможува да ги прилагодат своите прелистувачи и да користат некои од познатите екстензии кои веќе се активни. Microsoft ја означува оваа новина како „бета“, што значи дека таа е во процес на натамошно подобрување, со особен акцент на проширување на бројот на екстензии. Според најновите податоци, екстензиите се достапни со најновото ажурирање на прелистувачот.