Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој се сомничи за кривично дело – примање награда за противзаконито влијание.
Обвинителството тврди дека од октомври до 13 декември 2025 година, осомничениот примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание за интервенција кај судија во Апелациониот суд во Скопје. Тој, исто така, заедно со поткуп, се обидел да издејствува извршување на службено дејство што не смеело да се изврши.
Истрагата открила дека Стафа првично побарал 100.000 евра за да влијае на укинување на мерката притвор против лице кое е недостапно за органите на прогонот. За ова лице, Основното јавно обвинителство води посебна постапка за кривични дела поврзани со јавните финансији и стопанството. На 6 октомври 2025 година, тој примил 30.000 евра, кои му ги предала сестрата на лицето во бегство, како прва транша од договорениот износ.
На 13 декември 2025 година, осомничениот повторно побарал и примил дополнителни 20.000 евра, објаснувајќи дека средствата се за судијата кај кого требало да интервенира. По примањето на парите, Стафа е приведен, а кај него се пронајдени и одземени паричните средства.
Јавниот обвинител поднел предлог до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје за определување мерка притвор, истакнувајќи сериозните околности кои укажуваат на ризик од бегство, можност за повторување на кривичното дело и вмешаност во влијаењето на сведоци или текот на постапката.



