Денеска во Судот на Босна и Херцеговина ќе биде ставена точка на едногодишниот судски процес против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник. Доколку биде прогласен за виновен, тој и неговите блиски соработници најавија „радикални мерки“ како одговор.
Завршното рочиште во случајот против Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, ќе се фокусира на изнесување на завршните аргументи од страна на обвинителството и одбраната. Доколку процесот заврши во текот на денот, судијата Сена Узуновиќ може веднаш да ја соопшти пресудата, а најдоцна тоа треба да се случи во рок од три работни дена, односно до 25 февруари.
Обвинението против Додик и Лукиќ беше покренато од Обвинителството на БиХ во август 2023 година, бидејќи во Службен весник беа објавени два закона што Парламентот на Република Српска ги усвои во 2023 година, и покрај тоа што високиот претставник Кристијан Шмит ги поништи. Судењето започна во февруари 2024 година.
Во Босна и Херцеговина, непочитувањето на одлуките на високиот претставник претставува кривично дело за кое може да се изрече затворска казна до пет години. Во случај Додик да биде осуден, тоа автоматски би значело негово отстранување од функцијата претседател на Република Српска.
Во понеделникот вечерта, Додик одржа затворен состанок со своите најблиски соработници во Бања Лука, каде што разговарале за можните чекори доколку пресудата не биде во негова корист.
По состанокот, до јавноста беше упатено соопштение со остар тон, во кое евентуалната осудителна пресуда беше оквалификувана како „државен удар“.
„Институциите на Република Српска, вклучувајќи го Националното собрание, Владата и другите органи, ќе преземат радикални мерки како одговор на пресудата на Судот на БиХ. Како дополнителен чекор,сите претставници на српскиот народ во институциите на БиХ,како и вработените на државно ниво,ќе се повлечат и ќе го прекинат својот ангажман во заедничките органи“,се наведува во соопштението.