Наслов: Одговорноста за „Гоце Делчев“ е на управата, следуваат дератизација и нови сместувања
По информациите за појава на глувци и недостиг на топла вода во блок Б на студентскиот дом „Гоце Делчев“, министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека за условите во домовите примарно одговара нивната управа. Таа нагласи дека министерството повторно ќе побара од директорот да ангажира служби за дератизација и дезинфекција за да се санира состојбата.
Јаневска најави дека од 1 октомври во работа ќе бидат ставени два нови студентски дома со висока А-категорија, со што ќе се зголемат сместувачките капацитети за голем број студенти.
Дополнително, од септември започнува реконструкција на останатите студентски домови, процес што, според министерката, веќе е во напредна фаза.
Во завршната етапа планирано е да се обноват и кујната и преостанатата инфраструктура во „Гоце Делчев“, со цел за приближно две години целосно да се заокружи обновата на сите студентски домови.



