Студентите од Србија извадија тајмер со датумот 27. јануари, и кратака порака „Се гледаме“

Студентите во Србија, кои веќе подолго време протестираат, ја лансираа веб страницата „Барањата не се исполнети“ (zahtevinisuispunjeni.rs), каде што поставија тајмер што отчукува наназад до понеделник, 27 јануари, во 7 часот наутро.

Под тајмерот, кој моментално одбројува нешто повеќе од 93 часа, стои кратка, но јасна порака – „Се гледаме“.

На својот Инстаграм профил, студентите објавија и видео со популарната игра „Човеку, не се лути“, придружено со пораката: „Налути се човеку, 27 јануари“, што дополнително го засили интересот за тоа што ќе се случува на тој датум.

Засега не е познато што точно планираат студентите за 27 јануари, но претходно тие ги повикаа граѓаните на Србија на целосен прекин на сите активности во петок, 24 јануари, со повик за генерален штрајк и „општа граѓанска непослушност“.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ во средата изјави дека никој не би се осмелил да ги спречи студентските блокади на факултетите и нагласи дека властите се отворени за дијалог.

– Сакаме да разговараме со студентите, да видиме кои се нивните барања, дали се исполнети или не. Никогаш не ни кажаа што конкретно не е исполнето, а се чини дека такво нешто и нема – изјави Вучиќ.

Тој, исто така, ја обвини опозицијата за насилство, тврдејќи дека таа ги организира протестите и ги користи студентите како инструмент во својата политичка борба.

Со оглед на сè понагласената тензија, 27 јануари би можел да биде пресуден ден за развојот на студентските протести во Србија.

- Реклама -