„Според информацијата од ЈЗУ Општа болница ‘Д-р Ферид Мурад’ – Гостивар, поради значително зголемен број пациенти со гастроинтестинални симптоми, стручни екипи од Институтот работат и викендов на анализата на примероците. Резултатите од анализите ќе бидат испратени на Јавното обвинителство за понатамошно постапување“, истакнаа од ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје наведува дека е во континуирана комуникација и координација со надлежните институции на државата.
Агенцијата за храна и ветеринарство вчера издаде забрана за користење на водата за пиење од гостиварскиот водовод поради основано сомнение за загаденост и небезбедност.
Од управата на гостиварската Општа болница потврдија дека во изминатите денови повеќе од илјада граѓани се обратиле за медицинска помош поради стомачни тегоби. Случајот со водата за пиење од градскиот водовод доби внимание откако беше забележан пораст на бројот на граѓани кои побарале помош поради слични симптоми.



