На денешната седница на Собранието, пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, истакна дека буџетот е составен според реални економски показатели и дека проекциите за приходната страна се остварливи. Станковиќ нагласи дека растот на планираните приходи произлегува од подобрената наплата на царини и концесии, како и од позитивните трендови кај активните мерки за вработување.
„Кога ја разгледуваме буџетската структура, прво треба да ја анализираме приходната страна. Предвидениот буџет изнесува 374,9 милијарди денари, што претставува 6% зголемување во однос на средствата што државата планира да ги собере во 2025 година. Верувам дека овие средства можат да се соберат, особено со оглед на значителното зголемување на наплатата на царини и концесии. Пред неколку дена добивме позитивна информација за интересот на граѓаните за мерките за самовработување – имаме 6045 апликанти, што значи дека во 2026 година можеме да очекуваме поголеми приливи од вработување. Тоа ни дава уверување дека средствата што ги предвидува Владата на Република Македонија се остварливи“, изјави Станковиќ.
Тој додаде дека Владата активно работи на сузбивање на сивата економија, нагласувајќи дека се преземаат активности за намалување на загубите од јавни приходи и за зголемување на финансиската дисциплина.
„Важен аспект е сериозната работа на намалување на сивата економија, каде што годишно се проценува дека од 600 до 700 милиони евра одлеваат надвор. Мораме да се справиме со тоа, а Владата вложува сериозни напори во оваа насока. Воведувањето на е-фактурата е една од мерките што ни помага да ја контролираме сивата економија во државата. Исто така, институциите почнуваат да прикажуваат резултати“, заврши Станковиќ.




