Од 14 до 16 ноември 2024 година, Белград беше домаќин на првата Српска ревија на македонскиот филм, тридневна манифестација која ја слави македонската култура и уметност преку филм, музика и уникатни културни содржини. Настанот се одржа во просториите на УК Пароброд и претставува значаен чекор кон зајакнување на културната соработка меѓу Србија и Северна Македонија.
Договорот за основање културно-информативни центри во Скопје и Белград ја зајакна желбата за иницијативи кои ги поврзуваат двете земји, а оваа ревија е првиот чекор кон создавање традиција која ќе ги обединува уметниците и публиката од регионот.
„Ревијата се роди од идејата да се прикажат македонските архивски материјали кои ги открив во Србија, особено досега необјавените филмски журнали на Филмските новости. Размислувајќи како да ги споделиме овие богатства со пошироката јавност, создадовме концепт за ревија која ќе го врати духот на некогашните кино-проекции, каде журналите беа неизоставен дел пред главниот филм,“ вели Јорданчо Петковски, директор на ревијата.
Програмата беше поделена на три сегменти: филмски, музички и културно-деловен. Централниот дел ги претстави најдобрите македонски филмови, меѓу кои „Медена земја,“ „Тетовирање“ и краткометражни остварувања на млади автори. Архивските филмски журнали дадоа посебен историски шмек на настанот, враќајќи ја традицијата на кино-прикажување во ново светло.
Музичкиот дел ги обедини настапите на Бранислав Николов од Пијан Славеј и Игор Василев Новоградска, кои ја збогатија атмосферата со оригинални композиции, комбинирајќи ја музиката со тематските содржини на фестивалот.
Настанот е поддржан од бројни институции и организации, а организаторите веруваат дека ова е само почеток на една долгорочна културна традиција која ќе ја засили соработката и пријателството меѓу двете земји.