Комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, денес преку видео-порака објавена на Икс, им оддаде почит на жртвите на геноцидот во Сребреница. Таа нагласи дека овој настан претставува „длабока рана во европската историја“ и дека „мора да се спротивставиме на омразата и величењето на воените злосторници“.
„Денес сум во Сребреница за да им оддам почит на жртвите од геноцидот што беше извршен овде пред 30 години“, изјави Кос.
Таа истакна дека 8.372 Бошњаци беа систематски убиени, а нивните останки закопани во масовни гробници со цел да се прикријат трагите од злосторството, при што многумина сè уште се водат како исчезнати.
„Сребреница е длабока рана во европската историја. Наша должност е да се сеќаваме, да го кренеме гласот и никогаш да не го свртуваме погледот кога заговорниците на омраза ги доведуваат во прашање човековите права и го поткопуваат достоинството на другите. Мора да кажеме не на поделбите, не на омразата, не на глорификацијата на воените злосторници. Наместо тоа, треба да се свртиме кон заедничка иднина“, додаде Кос.




