Бранот на незадоволство во Србија, предизвикан од трагедијата со уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, ја доведе земјата до критична пресвртница. Големите протести и растечките социјални немири отвораат прашање – дали Србија се наоѓа на прагот на коренити промени?
Ескалација на протестите
Девизата „Корупцијата убива“ стана слоган на десетици илјади граѓани кои секојдневно излегуваат на улиците барајќи политичка и кривична одговорност за катастрофата во која загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. Протестите растат во интензитет, а блокадите на патиштата се дел од секојдневието во српските градови. Граѓаните во тишина од 15 минути оддаваат почит на жртвите, додека студентите ги блокираа факултетите на најголемите универзитети, барајќи оставки од премиерот и градоначалникот на Нови Сад.
„Не можам да замислам сценарио во кое ова ќе заврши без исполнување на нашите барања. Ова е пресвртна точка, почеток на крајот“, вели Ана Ѓуриќ, студентка од Нови Сад.
На страна на студентите застанаа околу 5.000 професори и академици, поддржани и од српската дијаспора. Од Њујорк до Мелбурн, српските граѓани организираат собири во знак на солидарност, додека тенисерот Новак Ѓоковиќ од Австралија Опен испрати јасна порака за поддршка.
Дополнително, приватни бизниси донираат храна, таксисти нудат бесплатен превоз, а земјоделците ветуваат дека со своите трактори ќе ги заштитат демонстрантите.
Репресија и насилство
Во меѓувреме, државата се обидува да ги задуши протестите. Провладините медиуми ги оцрнуваат студентите како „странски платеници“, нивните лични податоци се објавуваат во таблоидите, а родителите добиваат закани од безбедносните служби. Се бележат физички напади врз демонстранти, а ситуацијата кулминираше кога маж со автомобил удри студентка за време на поменот во Белград, тешко повредувајќи ја.
„Потресени сме, но нема да се исплашиме. Ова само уште повеќе нѐ разгневи“, изјави Ана Ѓуриќ.
Почеток на генерален штрајк
По инцидентот, бројот на демонстранти значително порасна, а синдикатите почнаа да се приклучуваат на протестите. Адвокатската комора на Србија најави седумдневен прекин на работа, вработени во Електростопанството стапија во штрајк, а како што дознаваат медиумите, наскоро ќе им се придружат медицински работници и уметници од јавните културни установи.
Просветните работници, заедно со родителите, ја прекинаа наставата во десетици училишта, иако репрезентативните синдикати претходно постигнаа договор за зголемување на платите. Независниот синдикат на просветни работници на Србија ја повика владата да прифати системски промени, обвинувајќи ја дека функционира на коруптивен начин.
„Не може да има подобро образование во општество каде што владее корупција и непотизам. Не може да се очекува иднина, ако носителите на одлуки се фалсификатори и узурпатори“, порача претседателот на синдикатот Душан Кокот.
Одговорот на власта
Премиерот Милош Вучевиќ најави испраќање инспекции во училиштата што ја прекинаа наставата, а оние што нема да продолжат со работа ќе се соочат со откази. Сепак, дел од инспекторите веќе одбија да учествуваат во оваа акција, нарекувајќи ја „етички неприфатлива“.
Во обид да го задржи влијанието, претседателот Александар Вучиќ ги обвини протестантите за поткопување на уставниот поредок, тврдејќи дека протестите се водени од „странски агенти“.
„Сето ова е оркестрирано од неколку западни земји, а меѓу тие што работат за нив има и луѓе од источните држави“, изјави Вучиќ.
Тој предложи референдум за доверба на претседателот, но опозицијата го отфрли овој предлог, барајќи формирање на преодна влада која ќе организира фер избори.
Што понатаму?
Политикологот Душан Спасојевиќ смета дека Владата ќе се обиде да ја задуши кризата со контрапротести и кампањи, но прашањето е колку долго ќе може да ја одржи стабилноста.
„Очекувам обид за контрамитинзи уште оваа недела. СНС ќе се обиде да ги сврти протестите во своја корист, но вистинската криза само што започнува“, вели Спасојевиќ.
Професорката Љубица Опарница, пак, верува дека ова е крајот за владејачкиот режим.
„Се чини дека сè ќе се урне одеднаш, како настрешницата што се урна. Оваа власт е на крајот на силите. Ќе се изненадиме кога ќе паднат“, вели Опарница.
Дали Србија навистина е пред генерален штрајк или владата ќе успее да ги задуши протестите? Времето ќе покаже, но едно е јасно – Србија повеќе не е иста.