На денешен ден го одбележуваме Димитар Масевски (6 мај 1937 – 23 мај 2015), еден од најуникатните македонски композитори и музички продуценти, чие творештво остави длабока и неизбришлива трага во историјата на македонската забавна музика.
Роден во Скопје во 1937 година, Масевски уште во својата младост демонстрирал исклучителен музички талент. Неговото активно занимавање со музика започнало во средното училиште, а првата композиција „Врати се“ ја напишал во 1956 година. Следната година се вработил како музичар во Забавниот оркестар на Радио Скопје, што означило почеток на една плодна и иновативна музичка кариера.
Својот работен век го поминал во Македонска радио-телевизија, каде како музички продуцент оставил значаен печат. Во текот на својата кариера, Масевски продуцирал над 2.000 композиции, поголемиот дел од кои на македонски автори и изведувачи, и активно учествувал во создавањето и развојот на современата македонска естрада.
Тој беше еден од иницијаторите на Скопскиот фестивал, а токму преку фестивалската музика создаде дел од своите најпознати и антологиски композиции, како што се „Љуби ме, љуби Мирјанка“, „Малечка гулабице“, „Бела хризантема“, „Молчи љубов моја“ и „Гриша“.
Посебно значајно место во неговото делото има песната „Последна солза“, која ја изведува Блага Видец и се смета за првата забавна песна на македонски јазик. Тој е автор и на првата македонска детска песна „Рингишпил“, а компонирал е и музика за телевизиски серии, театарски претстави и разни музички проекти.
Во текот на децениите, Масевски соработувал со речиси сите значајни имиња на македонската музичка сцена, меѓу кои Нина Спирова, Драган Мијалковски и многу други, но и со познати музички актери од поранешна Југославија.
Во 2014 година, за својот значаен придонес во македонската музика, ја добил наградата за животно дело на обновениот Скопски фестивал – признание за човекот кој со својата музика остави белег на цели генерации.
И денес, многу години по неговото заминување, композициите на Димитар Масевски продолжуваат да живеат, потсетувајќи нè на златните времиња на македонската забавна музика.




