Спектакл на „Сан Сиро“: Бочели ќе настапи на отворањето на Зимските олимписки игри во Италија

Италијанскиот тенор Андреа Бочели е најавен за настап на свечената церемонија за отворање на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина 2026, соопштија организаторите.

Настапот на Бочели, кој беше дел од церемонијата за затворање на Олимписките игри во Торино 2006, се очекува да биде „еден од најимпресивните моменти на настанот“. Во соопштението се нагласува неговото присуство како мост помеѓу музиката и спортот, што ќе овозможи да се раскаже приказната за Игрите преку италијанското музичко наследство, познато и привлечно ширум светот.

Церемонијата ќе се одржи на 6 февруари на стадионот Сан Сиро во Милано, а за нејзиното продуцирање е задолжено Balich Wonder Studio. Покрај бројни меѓународни уметници, ќе бидат вклучени и елементи што ја слават италијанската култура и иновации, пренесе Бета.

Настапот на познатата американска пејачка Мараја Кери ќе биде првото големо музичко изненадување во текот на отворањето на игрите.

Тука е и италијанската пејачка и авторка Лаура Паузини, која е една од најпознатите италијански уметници на светската сцена и исто така ќе учествува во програмата.