Пред гласањето координаторката на советничката група на СДСМ во Советот, Љубица Јанчева, побара пауза од пет минути, но тоа не беше прифатено, по што Славески паралелно додека советниците од СДСМ ја напуштаа салата продолжи и побара да се брои гласањето, по што констатира дека заклучокот е усвоен со мнозинството гласови од присутните и дека нема „воздржани“ и „против“
По неколкучасовна расправа, во тензична атмосфера, со навреди и напуштање на салата, Советот на Град Скопје доцна попладнево го донесе заклучокот за зголемување на цената по изминат километар на приватните превозници.
Иако советниците од опозицијата бараа пауза бидејќи не се согласуваа со заклучокот и бараа тој да се среди, претседателот на Советот, Трајко Славески, сепак го стави на гласање.
Со донесениот заклучок Советот ја задолжи градоначалничката Данела Арсовска во најкус можен рок, по можност во текот на денешниот ден, до претседателот на Советот да достави измени и дополнувања на одлуката за утврдување на вредноста на надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериумот остварен километар од 24 февруари 2017 година, со тоа што износите по цена на километар да ги зголеми за 30 денари соодветно, а поврзано со цената на горивото.
Пред гласањето координаторката на советничката група на СДСМ во Советот, Љубица Јанчева побара пауза од пет минути, но тоа не беше прифатено, по што Славески паралелно додека советниците од СДСМ ја напуштаа салата продолжи и побара да се брои гласањето, по што констатираше дека заклучокот е усвоен со мнозинството гласови од присутните и дека нема „воздржани“ и „против“.
„Пауза пет минути. Кворумот ќе ви го срушиме. Претседателе, ве молам пауза без да гласате. Надминете се себеси, не ВМРО-ДПМНЕ. Претседателе ве молам надминете се“,
рече Јанчева и ги повика советниците да излезат за да нема кворум за кој се потребни најмалку 23 советници.
Во меѓувреме, Славески побара од службите да избројат колку гласале „за“.
„Ве молам, колку се ‘за’… има кворум. Броите, затоа што ќе бидете повикани на одговорност… Дали има некој против… нема, воздржани, нема. Констатирам дека заклучокот е усвоен со мнозинство гласови од присутните. Со тоа ја заклучувам денешната седница“,
рече Славески.
По расправата на која беа образложени мислењата во однос на проблематиката, претседателот на Советот, Славевски, рече дека ќе мора да донесат заклучок и дека како „соломонско решение“ постојат две алтернативи.
„Едната е да се раководиме од предложениот заклучок на подносителот на Иницијативата. Но, со оглед на одредени дискусии, заклучоци, расположенија и т.н. нудам заклучок под број два, за што ќе треба поддршка и мислење од Сектор за сообраќај и од госпоѓата градоначалник. За да го скратиме процесот, предлагам да го овластиме и побараме од градоначалник на Град Скопје, во најкус можен рок, за неколку часа во текот на денешниот ден да изготви измени и дополнувања на одлуката за утврдување на вредноста на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериум – остварен километар донесен на 24 февруари 2017 година. Тоа е наједоставниот начин. Со тоа, смислата на одлуката, за оние што не ја виделе и за јавноста, е две страници табела, многу колони, каде што надоместокот е врзан со висината на цената на горивото. Значи, да се корегираат износите овдека, имаше предлог секој износ соодветен за одредена цена на горивото да се зголеми за 30 денари. Ова е единственото што со мојата памет можам да го предложам како алтернативен заклучок, а со кој што, ако има согласност, би се вратиле на седницата по одредена пауза и би донеле одлука“,
рече Славески.
Во однос на оваа предлог-одлука, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, посочи дека е невозможно за толку кратко време да се направи пресметка во секторите. Таа рече дека нема да понесе одговорност за одлука за која, како што рече, смета дека е потребна многу подетална анализа и многу повеќе време.
„Она што го предлагате е малку паушално и никој тука во секторите и овие луѓе, кои што ја работат експертизата нема да се нафати паушално, во рамки на 30-тина минути, да нуди решенија за кои што утре ќе треба да носи одговорност. Доколку вие сметате дека математичкото пресметано решение по формулите го имате и таа е цената зад која стоите, дајте го предлогот на Советот и гласајте го сите тука. Ако не, направете комисија, јас ќе ја прифатам, ќе номинираме лица од секторите да учествуваат, од ЈСП, од приватните превозници, има формули врз основ на кои се дошло на таа одлука. Значи, не можете паушално, ќе зголемиме толку, да некому наметнете тука за 30 минути да прави одлука. Имавме три месеци, втора е оваа иницијатива. Луѓето доаѓаа на состаноци, разговараа, нудеа решенија, требаше да се дискутира, не се дискутираше и сега во 30 минути сакате да извршите притисок врз службите да сите неопходни постапки ги завршат за да се понуди решение“,
кажа Арсовска.
По седницата советниците од СДСМ во изјава за медиумите рекоа дека донесениот заклучок, според нив, е незаконски и најавија претставка до Инспекторатот за локалната самоуправа затоа што не ја сметаа за валидна.
„Вака донесениот заклучок не може да се имплементира, затоа што е противзаконски. Не можат службите да сносат одговорност кога службите не можат да направат одлука којашто е противзаконска. Значи прво нема да ја направат. Не заради мене, не заради вас, не заради градоначалник, не заради ВМРО-ДПМНЕ, туку затоа што нема законска основа. Тоа се обидувавме да го кажеме и да го објасниме. Не знам колку не разбраа или имаа поинаква задача. Во случајов очигледно имаа поинаква задача“,
рече коодринаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.
Нејзиниот колега од советничките редови на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, пак, по седницата изјави дека е добро што се донел заклучокот.
„Денеска се случи еден таков театар од останатите советнички групи, видовме дека советниците кои се дел заедно со градоначалничката Арсовска беа многу деструктивни, агитираа на тоа да не се донесе никаков заклучок. Колегите од СДСМ, исто така беа против, сакаа предвреме да ја напуштат седницата и ги повикуваа останатите советнички групи да ја напуштат седницата и тоа значи дека не се за решение граѓаните повторно да имаат приватен превоз. За колегите советници од Левица, немам што да коментирам, уште на самиот почеток ја напуштија седницата и ја покажаа онаа деструктивност што ја има во нивната советничка група, дека се против граѓаните“,
изјави Стојановски.
Прашан дали заклучокот е валиден, Стојановски рече дека тоа треба да го кажат службите на Градот Скопје, посочувајќи дека ова е брзо решение до, како што рече, месец мај.
„Јас седам напред во вториот ред и не можев да ги бројам гласовите од позади, тоа треба да го кажат службите на Градот Скопје… Ќе видиме како ќе постапи градоначалничката, ќе чекаме одговор, а со тоа ќе се изјаснат и приватните превозници кој бил нивниот став. Ние нашето, како советничка група го направивме во интерес на граѓаните“,
изјави Стојановски.
Советникот од СДСМ, Горан Шутаров по седницата рече дека иницијативата поднесена од нив со заклучок да се започне транспарентна постапка била одбиена од мнозинството во Советот на Град Скопје, кое излегло со свој предлог цената да се зголеми за 30 денари.
„Кажавме дека не може тоа да се направи, од аспект на тоа дека се поминати законските рокови од 15 ноември, каде што може да се достави ребаланс на Буџетот на Град Скопје и на сите единици на локалната самоуправа и затоа ќе бидеме во неможност, доколку го изгласаме заклучокот, така, како што е дефиниран од претседателот на Советот, истиот да биде апликативен, односно да добие реализација од страна на службите, односно ЈСП“,
изјави Шутаров.
Прашан дали заклучокот е валиден, Шутаров, рече дека за работа на Советот на Град Скопје потребни се 23 советници присутни во салата.
„Во моментот на изгласување на одлуката, по некои пресметки беа присутни 19 советници“,
рече Шутаров.
Денешната итна седница на Советот на Град Скопје беше свикана откако вчера јавниот градски превоз повторно се најде во фокусот на јавноста поради најавата на приватните превозници дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците.
Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на редовната седницата на Советот на Град Скопје.
По преписките и меѓусебните обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседателот на Советот, Трајко Славески, за тоа зошто оваа точка не се нашла на дневен ред на седница на Советот, вчера попладне се одржа средбата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и приватните превозници. По средбата на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.
Директорот на ЈСП Драги Кушовски, претходно, во изјава за медиумите рече дека ЈСП неколку дена е со блокирана сметка по основ на долг до добавувач за нафата и дека се работи на деблокада.