Состојбата на пазарот доведе до продажба на акции од еден од првите инвеститори во Тесла

Рос Гербер, еден од раните поддржувачи на „Tesla“, на „Sky News“ посочи дека Илон Маск би требало да се повлече како извршен директор на компанијата за автомобили, доколку не се откаже од својата нова улога во американската влада. Тој смета дека Маск, кој е советник на Доналд Трамп, ги загубил своите фокус и внимание поради своите проширени интереси. Маск е назначен за раководител на новиот Оддел за владина ефикасност (DOGE). „На „Тесла“ ѝ е потребен нов лидер, и време е некој конечно да го направи тоа. Компанијата предолго е запоставена“, предупреди Гербер. Според него, падот започнал пред Трамп да ја преземе функцијата. „Има премногу клучни задачи што „Тесла“ ги спроведува, и затоа Илон или треба да продолжи со функционирањето во „Тесла“ и да се откаже од другите обврски или пак да остане во владата и да назначи нов извршен директор за компанијата“, додаде Гербер.

Компанијата се соочува со криза, според Гербер, поради што продал голем дел од своите акции во последните неколку месеци. Вредноста на пазарот паднала за над 800 милијарди долари од декември наваму. И покрај намалувањето на цените, побарувачката за електрични возила бележи стагнација на клучните западни пазари. Во меѓувреме, „евтината кинеска конкуренција“ дополнително го поткопува пазарниот потенцијал на „Тесла“. Трговската војна со Кина ги зголемува трошоците и ја поткрепува загриженоста на инвеститорите, анализира „Sky News“.

Гербер истакнува дека, иако производите на „Тесла“ се веројатно најдобри во светот, Маск има ограничено време на располагање денот. Укажува дека од купувањето на Твитер во 2022 година, тој не обрнува доволно внимание на „Тесла“. Неговите активности на социјалните мрежи и соработката со претседателот донесоа негативен публицитет на компанијата. „Репутацијата на „Тесла“ е нарушена поради постапките на Илон Маск. Продажбата се намалува бидејќи извршниот директор создава конфликти“, заклучува Гербер.