Град Скопје објавува дека во недела, по раните утрински часови, ќе биде целосно затворен за сообраќај дел од булеварот „Македонија“. Оваа мерка е донесена поради градежни активности кои се во рамките на проектот за реконструкција на булеварот. Според информациите од Градот, затворен ќе биде потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот Крст, каде ќе се реализира поставувањето на завршниот слој на коловозот.
Градските власти апелираат до граѓаните за разбирање и трпение, истакнувајќи важноста на почитувањето на поставената сообраќајна сигнализација и користењето на алтернативни маршрути. „Сите учесници во сообраќајот ве молиме за разбирање и трпение, како и за почитување на сообраќајната сигнализација и алтернативните правци, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот“, се наведува во соопштението.
Според надлежните, реализацијата на оваа фаза ќе придонесе за подобрување на проточноста на сообраќајот и намалување на метежот, а исто така ќе овозможи побезбедно движење по новоизградеиот коловоз. Дополнително, се најавува дека по завршувањето на сите предвидени фази, Скопје ќе добие и прва подземна сообраќајница.
„Со целосната реализација на сите предвидени фази, Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница, што е значаен чекор кон модернизација на сообраќајната инфраструктура во градот“, соопштуваат од Град Скопје.



