Соединетите Американски Држави побараа од европските земји да ги предложат безбедносните гаранции што би можеле да ѝ ги понудат на Украина, изјавија четири европски извори. Според нивните тврдења, Вашингтон испратил документ во кој поставува прашања за можните придонеси, вклучително и за воени ангажмани. Два од изворите посочуваат дека овој документ бил проследен до европските сојузници во текот на оваа недела.
Весникот „Фајненшл Тајмс“ прв информираше дека САД побарале детали од европските партнери за тоа каква воена поддршка би можеле да обезбедат за Украина,вклучувајќи оружје,мировни сили и безбедносни аранжмани.
„Очигледно, целта на планот е да се утврди ставот на европските сојузници во однос на можното оформување на рамка за преговори што би довела до крај на конфликтот, како и улогата што Европа и САД би ја имале во тој процес“, изјави европски дипломат кој е запознаен со содржината на документот.
Како што наведуваат извори, документот содржи шест прашања кои биле испратени до сите членки на Европската Унија, додека едно од нив било наменето ексклузивно за конкретната земја што го добила.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се заложи за создавање на заедничка европска армија, нагласувајќи дека европските земји не можат повеќе целосно да се потпираат на заштитата од САД. Според него,единствено силна европска војска би можела да обезбеди почит и стабилност во односите со Вашингтон.
„Американците сега им се обраќаат на европските земји и бараат информации за тоа колку војници би биле подготвени да испратат“, изјави трет дипломат, дополнувајќи дека Стејт департментот сѐ уште нема издадено официјална изјава по ова прашање.
Во екот на овие дискусии, НАТО постојано повторува дека ќе продолжи со воената и политичката поддршка за Украина, но се чини дека притисокот врз европските земји се зголемува, особено во контекст на долготрајната борба за одбрана од руската агресија.