Промоција на монографијата „Професорот Петре Т. Георгиевски: Социологијата како професија и како вокација“
Утре, на 12 декември, со почеток во 18 часот, во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“, издавачката куќа „Матица македонска“ ќе ја промовира монографијата „Професорот Петре Т. Георгиевски: Социологијата како професија и како вокација“. Ова издание е посветено на 85 години од животот и 60 години од научно-истражувачката работа на овој истакнат професор. Автори на монографијата се научните работници Златко Жоглев и Ружица Цацаноска.
На настанот, промотори ќе бидат: д-р Драгољуб Б. Ѓорѓевиќ, пензиониран редовен професор на Универзитетот во Ниш, д-р Петар Атанасов, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ, и д-р Драган Тодоровиќ, редовен професор на Универзитетот во Ниш.
Монографијата содржи обемни информации за професорот Георгиевски, како еден од првите и најважните претставници на македонската социологија. Вклучува детаљна анализа на некои од неговите најзначајни трудови, изготвена од Жоглев и Цацаноска, како и искази од колеги од Балканот и Европа, заедно со многу други прилози.
„Да се напише монографија за личност која не е само професор, туку и човек што оставил значаен печат на нашиот развоен пат – и академски и човечки – е истовремено гордост и обврска. Професорот Георгиевски беше не само ризница на знаење, туку и личност која умееше да слуша, да поставува правилни прашања во точен момент, и да инспирира без наметување. Неговиот стил на предавање, размислување и дискусија е полн со исклучителна страст, постојана љубопитност и почит кон секој студент, без оглед на нивната почетна позиција“, истакнуваат Жоглев и Цацаноска во предговорот на монографијата.




