Со златни медали се врати од меѓународен карате турнир, се подготвува за атак на титулата државен првак

Александар Петровски е млад каратист кој ја горди Македонија. Неговите успеси се фалат со македонското знаме во раце.

На натпреварите каде учествува, постигнува бројни признанија, дипломи и медали, како во Македонија така и надвор од нејзините граници.

Минатиот викенд, на меѓународниот карате турнир во Аранѓеловац Опен, кој се одржа од 12-ти до 15-ти февруари во Србија, Александар освои два златни медала – еден во екипна борба и еден поединечно, заедно со пехар.

– Резултатите на младиот Александар Петровски, ученик во ОУ „Лазо Ангеловски“ од општина Аеродром, се вистинска надеж за сите нас. Тој освои златен медал во категоријата пионери, а со екипата Олимпик станаа прваци и освоија пехар. Имаше пет борби и исто толку победи. Во финалето го победи рускиот натпреварувач Теодоросавов Платон со резултат 4:0. Ова е само почеток на одличните настапи што следуваат на нашиот меѓународен турнир Олимпик Опен 2026, кој ќе се одржи на 5-ти април во салата „Јане Сандански“, со многу конкуренција од различни земји. Потоа, следува државното првенство за деца, каде што Александар ќе се бори за титулата државен првак и ќе го брани статусот на балкански првак – изјави тренерот Александар Кузмановски за КУРИР.

Тој нагласува дека е голема чест за него и за децата да ја претставуваат Македонија, да освојуваат медали и да ја слушаат нашата химна, додека македонското знаме се вее гордо.