Со поддршка од Европската унија и Советот на Европа, отворено детско катче во затворот Идризово

Отворено детско катче во затворот Идризово

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, нагласи колку е важно ова катче во процесот на ресоцијализација, особено имајќи предвид дека Идризово е единствениот затвор во кој се наоѓаат осуденички.

„Вистинските предности на оваа донација се многу поголеми од нејзината финансиска вредност“, истакна Пандов, упатувајќи благодарност до Европската Унија и Советот на Европа за нивната постојана поддршка.

Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Бен Нупнау, во своето обраќање потсети на најновиот извештај на Европската Комисија, во кој се потенцира постојаната потреба за подобрување на условите во затворите, особено во Идризово.

„Условите во затворите не само што се дел од извештајот на Европската Комисија – тоа е нашата одговорност кон секое лице кое влегува во овие простории, вклучувајќи ги и децата. Ова ново катче, иако малку, е значаен чекор кон похуман систем каде се почитува достоинството и семејните посети се побезбедни. Се надеваме дека ова ќе поттикне континуирани напори за подобрување на стандардите во сите пенитенцијарни установи,“ изјави Нупнау.

Прочитајте и:  Трамп под удар на критики по својата изјава: „Ја ценам инфлацијата“

Донче Бошковски, раководител на одделение II од Одделот за соработка во областа на полиција и лишување од слобода во Советот на Европа, изрази надеж дека ова детско катче ќе постигне исти успеси како и другите слични иницијативи во земјата.

„Оваа иницијатива ги одразува заложбите на властите за спроведување на препораките на Комитетот на министрите на Советот на Европа од 2018 година, во врска со потребите на децата чии родители издржуваат затворски казни“, рече Бошковски.

Иницијативата е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа за Западен Балкан и Турција, во рамките на проектот за јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија. Овој проект е спроведен во соработка со Управата за извршување на санкции и КПУ Идризово, кои учествуваа во адаптирањето на просториите.