Со заедничка изложба во гостиварскиот Центар за култура АСНОМ,синоќа заврши годинешното издание на Меѓународната ликовна колонија „Гостивар 2024“. Настанот беше организиран од Здружението на ликовни уметници Драудакум, а учество зедоа над 25 уметници од Македонија, Албанија, Турција, Србија и Косово. Во текот на неколку дена, уметниците создаваа дела инспирирани од природата, урбаната средина и културното наследство на Гостивар.
По завршувањето на колонијата, делата беа изложени во Центарот за култура, при што љубителите на уметноста имаа можност да ги видат и да разговараат со авторите за нивните креации и инспирација. Со овој настан, Гостивар уште еднаш се позиционира како важно место за уметничка размена и културен дијалог меѓу автори од различни средини.
Покрај ова, денес во Скопје се одржува промоција на новата книга на македонскиот писател Александар Прокопиев, што дополнително го збогатува културниот календар оваа недела.На настанот, посетителите ќе имаат можност да разговараат со авторот и да добијат потпишан примерок од неговото дело.




