Со 61 глас „за“ Собранието ја изгласа интерпелацијата за Илире Даути што ја поднесе Левица

На почетокот на расправата за интерпелацијата на Даути, образложение за нејзиното поднесување од собраниската говорница даде пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, кој кажа дека претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочи постапката за носење на Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата

Даути во своја одбрана рече дека целта на интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат поинаку. Од собраниската говорница таа повтори дека Законот за бранители никогаш нема да дојде на дневен ред ако еднакви права не добијат и припадниците на ОНА. Во таа насока, таа ги праша пратениците на Левица дали се срамат истите зборови за мајоризација и дискриминација кон Албанците да ги слушаат и нивните деца

Со 61 глас „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците во Собранието ја изгласаа интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути.  

Пратеничката од редовите на коалцијата „Европски фронт“, Илире Даути / Фото: МИА

Интерпелацијата беше поднесена од пратениците на Левица, а со изјаснувањето на мнозинството пратеници кои ја поддржаа, Собранието констатира дека наводите во неа за работата на Даути се основани.  

Како што може да се види од листата од гласањето, покрај пратеници на опозициската Левица, за интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија гласаа и нивни колеги од владејачкото мнозинство, односно од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.  

По оваа точка на дневниот ред на денешната пленарна седница, прва во новата година, не се изјаснија пратениците на опозицискиот СДСМ, кои ја напуштија седницата на која освен интерпелацијата на Илире Даути, на дневен ред се интерпелациите за работата на министерот Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоиљковиќ, поднесени од пратеничката група на коалцијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.  

Извор: Веб-страница на Собранието на РС Македонија

На почетокот на расправата за интерпелацијата на Даути, образложение за нејзиното поднесување од собраниската говорница даде пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, кој кажа дека претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочи постапката за носење на Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата.  

„Претседателката на Комисијата не свика седница за Законот, со што го прекрши Уставот, Законот за пратеници и Деловникот. На пратениците им го ускрати правото на говор, правото амандмански да интервенираат по овој закон и правото да учествуваат во работните тела на Собранието“,

рече Јанчев и нагласи дека Даути била должна да свика седница кога тоа го побарале една третина од членовите на Комисијата. 

Според Левица, одговорност во конкретниот случај има и кај претседателот на Собранието, Африм Гаши кој требало, но, упорно не назначил друг член на Комисијата наместо Дауити да ја води седницата на Комисијата 

Затоа, како што посочи пратеникот, Левица против собранискиот спикер поднела кривична пријава. Во овој контекст, Јанчев упати критики и до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ,  кои, како што кажа, можеле да го повикаат Гаши да свика седница, но решиле „гласно“ и „патриотски“ да молчат.  

Од излагањето на пратеникот на Левица, Сашко Јанчев / Фото: МИА

Даути во своја одбрана рече дека целта на интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон работата на пратениците што размилсуваат поинаку. 

Од собраниската говорница таа повтори дека Законот за бранители никогаш нема да дојде на дневен ред ако еднакви права не добијат и припадниците на ОНА. Во таа насока, таа ги праша пратениците на Левица дали се срамат истите зборови за мајоризација и дискриминација кон Албанците да ги слушаат и нивните деца.  

„Нема да прифатам еден дел од популацијата да не се третира на еднаков начин иако се еднакви учесници во државата и во буџетските приходи. Секогаш така ќе дејствувам кога ќе биде потребно. Од држава што треба да ги штити, се претвори во држава што им се заканува на граѓаните Албанци. Дали не се срамите, дали не се потите, кога денес правите младите и децата да ги слушаат истите зборови кои сме ги слушале ние во нашето минато. Кога на нашите родители им се заканувале зашто ни ги даваат нашите имиња“,

рече пратеничката од коалицијата „Европски фронт“. 

Таа кажа и дека интерпелацијата не ја чувствува лично, туку, рече дека таа се „однесува на сите нас, на слободата и еднаквоста и на демократските вредности.  

„Каков и да е епилогот од ова барање за разрешување, нема да се реши овој проблем“,

рече Даути и повика „сите заедно да седнат и да го разгледаат законот“  и условите што тој  ги нуди, како што рече, и за безбедносните сили на државата, и за поранешните припадници на ОНА. 

Против интерпелацијата на Дауити говореа дел од пратенците од коалцијата „Европски фронт“ кои рекоа дека со неа Левица сака да манипулира и да обвинува користејќи се со стара пропаганда.  

„Тие што велат дека ОНА биле терористи никогаш не сфатиле што значи да војуваш за слобода. Никој не зема оружје од ќеиф, тие што војуваа, војуваа за негираните права со децении. Интерпелацијата не е го неа (Илире Даути), туку за да се отвори пат да се донесе законот за бранителите, пат што мајоризира и дискриминира“,

рече пратеникот Елми Азири од „Европскиот фронт“. 

На овие негови наводи, реплицираше пратеникот Реџеп Исмаил од Левица кој рече дека секогаш кога се кршат закони или Деловник, пратеници Албанци наметнуваат дека тоа е напад врз етнички права. 

„Интерпелацијата против Дауити не е затоа што таа е Албанка, туку затоа што ги прекрши Деловникот, законите и Уставот“,

рече Исмаил. 

Од денешната собраниска седница / Фото: МИА

Пред да се усвои дневниот ред на 29. седница, на која на дневен ред се петте интерпелации, пратениците на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја напуштија собраниската сала. Координаторот на пратеничката група на опозициската партија,Оливер Спасовски соопшти дека нема да ги поддржат четирите интерпелации за членовите на Владата, поднесени од коалицијата „Европски фронт“, затоа што сметаат дека нема потреба од нови поделби по етничка основа во однос на интерплациите.  

Во однос на интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Спасовски не даде конкретен одговор околу ставот на СДСМ, но рече дека нејзиното изгласување нема да го реши проблемот. 

Според Спасовоски вистинското прашање за надминување на темите што значат функционирање на Собранието не се само претседателите на комисиите, туку, како што рече, „вистинското лице, вистинската одговорност и вистинското име и презиме е Африм Гаши“. 

- Реклама -