Реакцијата на Мерсиха Смаиловиќ, претставничката на невладината организација „Диванхана“ која учествуваше на денешниот настан за одбележување на Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, следува по обвинувањата оти собранискиот спикер Африм Гаши и останатите учесници на настанот ја прекршиле секуларноста на државата бидејќи изведувале верски обред – молитва
Молкот или молитвата за жртвите на Сребреница на коишто повикав е гест на почит, а не религиозен ритуал – пишува попладнево во објава на Фејсбук претставничката на невладината организација „Диванхана“, Мерсиха Смаиловиќ, во врска со денешниот настан во Собранието на кој се одбележа 11 Јули – Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Смаиловиќ беше еден од модераторите на денешниот настан.
Нејзината реакција следува по обвинувањата оти собранискиот спикер Африм Гаши и останатите учесници на настанот ја прекршиле секуларноста на државата бидејќи изведувале верски обред – молитва.


Собирот по повод одбележување на 11 Јули беше настан, а не седница на Собранието, вели Смаиловиќ и нагласува оти парламентот не сноси никаква одговорност за начинот на кој присутните на настанот избрале да се изразат во тој момент, вклучително и дали избрале да се молат.
„Како модератор го започнав настанот со покана до присутните да одржат момент на тишина или да понудат молитва за жртвите на Сребреница, што е гест на почит, а не религиозен ритуал. Начинот на кој поединците избираат да го изразат овој момент, вклучително и дали избираат да се молат, е лична одлука што ги одразува нивните верувања и убедувања. Собранието не сноси никаква одговорност за овие лични избори.Оние кои се запознаени со церемониите во меморијалниот центар Поточаре ќе знаат дека почитта се оддава на различни начини, пришто некои избираат молитва, а други тивко набљудуваат, секој според нивните лични чувства“,
пишува претставничката на организацијата „Диванхана“, Мерсиха Смаиловиќ, во објавата на Фејсбук.
Посочува оти 11 Јули секоја година се одбележува во различни формати во Собранието и додава
„За жалење е што настанот беше политизиран како дел од секојдневната политичка борба. Жално е што ниту еден претставник од опозициската СДСМ не присуствуваше да го посведочат настанот од прва рака и да ја потврдат неговата природа“,
додава Смаиловиќ во фејсбук-објавата.
Претходно денеска опозицискиот СДСМ, реагирајќи ја објавената фотографија од настанот, обвини оти собранискиот претседател Африм Гаши ја нарушил секуларноста во државата во моментот кога изведувал молитва.
„На верските обреди не им е местото во македонското Собрание ниту во која било државна институција. Претседателот на Собранието Африм Гаши, инаку коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, со овој чекор ја наруши секуларноста на државата, тоа е не почитување на Уставот“,
посочија од СДСМ и ги повикаа институциите да постапат за случајот.
Оти Собранието не е и не смее да биде место за организирање на какви било религиски обреди, денеска порачаа и од Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), кое е дел од владејачката коалиција.
„Религиозни обреди во институциите на државата не се дозволени. Политички, Собранието може на поинаков начин да го осуди геноцидот во Сребреница. Одговорноста е на претседателот на Собранието да се грижи за дигнитетот на Собранието како и негова заштита од злоупотреби како највисок претставнички дом во Македонија. Овој чин на злоупотреба, исто како и непочитување на законот за употреба на знамињата, Движењето ЗНАМ го смета како чин на провокација и демонстрација на моќ од позиција на власт, преку прекршување на Уставот и законите на Македонија“,
се вели во реакцијата на ЗНАМ.