Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) повторно е снимен во Националниот парк „Шебеник”, потврдува Управата за заштитени подрачја од Елбасан. Првичните фотографии беа направени во 2025 година, а во последните месеци, рисот е „забележан“ на камерите повеќе пати.
Најновите снимки, кои се направени во текот на ноќта, прикажуваат оваа величествена животина.
Националната агенција за заштитени подрачја на Албанија истакна дека употребата на контролни камери, заедно со идентификацијата на траги на терен и континуираните набљудувања од стручњаци, помогнало во документирањето на присуството на рисот во природните живеалишта на паркот.
„Присуството на балканскиот рис во овој парк укажува дека овој вид продолжува да ги проширува своите живеалишта низ целата земја, благодарение на напорите за зачувување на животната средина“, потврди агенцијата.
Националниот парк „Шебеник”, кој се наоѓа под планината Јабланица во близина на Струга, беше прогласен за национален парк во 2008 година и е дел од областа Голо Брдо, административна единица Стеблево.




