Следниот тендер за службени коли на Владата ќе биде со финансиски, а не со оперативен лизинг?

Според директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, ако се користи финансиски лизинг во кој би бил вклучен редовен сервис, по истекот на лизингот возилата ќе останат во сопственост на државата. Потоа, тие може да се продадат или употребат во договорот за нов финансиски лизинг. Со оперативниот лизинг, сите трошоци за одржување се на давателот на лизингот, но возилата не остануваат во сопственост на државата

Последниот договор за оперативен лизинг кој вклучуваше 45 автомобили е потпишан непосредно пред изборите, од страна на претходната Влада. Томовски тврди дека на негово барање добил информативна понуда од компанија за истите возила која била значително поевтина од цените на последниот тендер

Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека разгледува различни опции за тоа на кој начин Владата треба да продолжи да купува возила за потребите на претседателот, премиерот, министрите, директорите и поранешните претседатели. Во последните 12-13 години, владите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ набавуваа коли преку оперативен лизинг. Тоа значи дека владата на секои три години добива нови возила за кои се грижи давателот на лизингот. Обврска на државата е само горивото. Негативната страна е што на крајот на тригодишниот период возилото останува во сопственост на давателот на лизингот, а за услугата државата плаќа цена која е близу до цената на ново возило.

Наспроти оперативниот, актуелниот директор на СОЗР, Ивица Томовски, вели дека размислува за финансиски лизинг.

„Ние да учествуваме како држава со дваесет проценти од вкупната вредност на возилата, повторно да ги земеме на лизинг и тоа да дојде како плаќање на рати и во истиот тендер да предвидеме сервис од страна на понудувачот. Јас сум убеден дека ќе има пријавени понудувачи, нема да има само еден понудувач како сега што било случај и мислам дека ќе добиеме пониска цена. Затоа што со тој финансиски лизинг, на крај, после три години тие возила ќе останат во сопственост на државата каде што ние можеме како држава да ги продадеме па за следната набавка педесет посто да ни бидат поевтини возилата“,

изјави Ивица Томовски.

Во разговорот Томовски јасно стави до знаење дека Владата нема намера да се враќа на праксата да ги задржи возилата подолгорочно, односно да ги одржува самата. Тој претпоставува дека и одлуката да се почне со оперативен лизинг била со причина.

„Видете, секогаш ќе постои дебата во јавноста дали треба да имаме нови возила, сопствени возила или треба да имаме возила на оперативен лизинг. Претпоставам дека се решавале на оперативен лизинг заради стопирање на злоупотребата со сервисирање, со промена на гуми, со резервни делови во минатото“,

вели Томовски.

Но, според Томовски, тој лично има сомнежи, барем за последниот договор за лизинг, кој беше склучен од претходната власт, непосредно пред изборите.

Томовски: Она што за мене е еден сомнеж околу овој тендер, конкретно ќе зборувам за последната тендерска постапка којашто чини 139 милиони денари или 86 илјади денари по возило месечно…

„360 степени“: Околу 50 илјади евра вкупно за три години ќе плати државата од државниот буџет за едно возило, така?

Томовски: А чини 56 илјади евра да го купиш, да ти остане или после три години да го продадеш. И јас секогаш сум поддржувач да се купува сопствено… Она што јас го направив, бидејќи ми изгледаше како поприлично скапо ова плаќање на оперативен лизинг, побарав понуди од одредени компании, не би сакал да спомнам кои компании се тука во игра, за исти такви возила и можам да кажам дека сум добил многу, многу пониска цена од таа што е моментално. Ова е една од понудите којашто ја имам побарано јас за исто такво возило коешто чини 68 илјади денари месечно… Тоа е триста евра помалку, по 45 возила, по 36 месеци, тоа е поприлично висока сума.


Последниот договор за набавка на 45 службени возила преку оперативен лизинг е потпишан непосредно пред смената на власта. Набавката се одвива редовно, на циклус од три години. Според Томовски, тој не може да го раскине тој договор. Така што, дали Владата ќе го смени моделот на купување службени возила за претседателот, премиерот, министрите, директорите и поранешните претседатели, ќе се одлучува во првата половина на 2027 година.

- Реклама -