Скопската зоолошка градина доби нов привремен директор, кој доаѓа од редовите на вработените.

Катерина Костова беше назначена за в.д. директорка на Зоолошката градина, потврдуваат извори од „Скопје1“. Таа ја наследува позицијата од Зоран Попов, кој беше личност на Данела Арсовска, време во кое угинаа многу животни. Костова е избрана од новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Скопје1“ се обиде да добие официјална потврда од Град Скопје во врска со назначувањето и очекуваме одговори. Оваа ситуација се појавува откако во јавноста излезе информација дека Стефан Кирков ќе раководи со ЗОО-Скопје, човек осуден поради измамата со животни, што предизвика загриженост кај активистите.

Вработени во Зоолошката градина за „Скопје1“ откриваат дека Костова е дел од установата повеќе од шест до седум години, а последно била задолжена за пристап до информации од јавен карактер.

Зоолошката градина во последните години беше под интензивни критики, особено по инцидентите со угинување на жирафата, слонот, ламата и мајмунот од расата патас. Во 2023 година, установата го изгуби и кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини. Неофицијално, причините за тоа се поврзани со прекинот на комуникацијата со ЕАЗА, двегодишната стагнација на Зоолошката, неизградениот аквариум, како и честото менување на директорите. Ова создаде проблеми во однос на носењето на нови животни во ЗОО-Скопје.