Сиљановска-Давкова вели дека членовите на Судскиот совет не се избрани за да бидат скандал-мајстори, очекува нивни оставки

„Одговорни членови на Судскиот совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа. Еве уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа“, изјави денеска претседателката на државата, прашана за коментар на интерпелациите за петмина од членовите на Судскиот совет

Членовите на Судскиот совет не се избрани за да бида судски скандал мајстори, туку да оневозможуваат било какво скандализирање на независната судска власт, вели претседателката на на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Таа, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поднесените интерпелации за петмина членови на ова тело, денеска изјави, оти очекува тие да си поднесат оставки, велејќи дека тоа е апел до моралот, до етиката на судиите.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова / Фото: Архива

Според претседателката на државата, исходот од интерпелациите е повеќе од извесен, бидејќи зад иницијативата застанаа 67 пратеници, а за да поминат е потребно апсолутно мнозинство од 61 пратеник.

„Јас одамна можеби меѓу првите, заедно со Коалицијата „Сите за правично судење“ укажав на можноста од интерпелација. Точно е дека механизимот интерпелација во кампаративното уставно право се однесува на одговорноста на министрите, но нашиот Устав го познава и за сите избрани и именувани функционери. Првиот чекор како што знаете беше неприфаќањето на извештајот од Судскиот совет, што е веќе еден чекор на делегитимирање на Судскиот совет. Вториот чекор е интерпелацијата. Ако по почетокот судиме за завршетокот јасен е резултатот, бидејќи ми се чини дека 67 пратеници застанаа зад иницијативата, а мнозинството е 61, значи однапред се знае резултатот“,

изјави таа по настанот „Глобален женски појадок 2025“, на кој таа беше еден од говорниците.

Парадоксот, кој претседателката го нарече „македонски парадокс“, е тоа што кај нас интерпелацијата нема завршница, правејќи споредба кога овој механизам се однесува на министрите.

Враќајќи се на генезата на проблемот со Судскиот совет, Сиљановска-Давкова, рече дека Судскиот совет мора да има голема одговорност, која е врзана за етиката.

„Судскиот совет како рентген, како микроскоп што ја следи работата на судиите, ги именува, ги разрешува, мора да има и голема доза на одговорност, а одговорноста е врзана за етиката. Мојот предлог тогаш беше дека одговорни членови на Судскиот совет веднаш би поднеле оставка по скандалите што се случуваа, а тие таму се избрани не за да бидат судски скандал мајстори туку за да оневозможуваат било какво скандализирање на незавината судска власт. Еве уште очекувам да бидат доблесни и да го сторат тоа. Зошто? Бидејќи секаде е познато дека тој што ве бира, ве контролира и може да ве разреши. Ако на ова го додадете и процентот на граѓани кои веруваат, односно не веруваат во Судскиот совет јасно е дека ова ќе биде, како да кажам, апел до моралот, до етиката на судиите“,

рече Сиљановска-Давкова.

Во пообемниот одговор на прашањето, претседателката се осврна и изборот на членовите на Судскиот совет. Според неа, потребни се законски механизми што ќе овозможат „регрутирање на најдобрите во ваквите тела“, оти, како што додаде тие се најважните за негување на судскиот дигнитет и интегритет.

Претседателката на државата вели дека ако се земе предвид Законот за Судскиот совет, ќе се види дека многу од актуелните членови на ова тело не ги исполнуваат условите што се запишани во Законот, односно да се докажани во правната сфера со 15-годишнот искуство, стручни, компетентни.

„Многу повеќе, кај некои од нив, личи придавката партизираност, партизирани и политизирани“,

рече Сиљановска-Давкова.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговара на новинарски прашања по денешникот настан „Глобален женски појадок 2025“ / Фото: Принтскрин

Таа особено го посочи законското решение, според кое, претседател/ка на ова тело може да биде само член кој е избран од Собранието.

„Гледате ли вие тука логика, не само правна логика што нема, туку нема ниту елементарна логика, што значи дека акцентот е на политизираноста и на партизираноста. Како реков јас денеска, за катарза е ова време, важно ако имате поддршка од два проценти, а сега излезе она истражување од страна на самите судии, искрена да бидам немам многу доверба во тие податоци дека има доверба од 20 проценти. Тоа е невозможно“,

рече Сиљановска-Давкова.

За потсетување пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“и ЗНАМ на 7 февруари поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се избрани од страна на Собранието.

Станува збор за членови Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова-Илиевска.

Собранието ги испрати интерпелациите до членовите и се очекува нивен одговор, во рок од десет дена. Седницата, според најавите би требало да се одржи на крајот на овој месеци или на почетокот на март. Интерпелациите со сигурност ќе бидат изглсани, но тие нема да значат и разрешување на членовите на Советот по автоматизам. Дали ќе ќе се повлечат или ќе останат на функциите тие ќе треба сами да одлучат.

Од седница на Судскиот совет на РСМ / Фото: Принтскрин (Архива)

Премиерот Мицкоски кој уште во предизборието најави „разрешување“ на Судскиот совет, а најавувајќи ги интерпелациите минатата недела рече дека почнува „ударот во чело“ на Советот, изјави дека Собранието не може да ги разреши, но оти очекува дека по интерпелациите тие самите ќе се повлечат.

„Условно кажано, законот е таков, непрецизен, и може тоа да се случи и тоа нас нема да нè изненади, ако тие одлучат со тоа да живеат. Но ние како политичари толку можеме да направиме, со сила ништо, нив до последно ги штити законот, таков е. Тие може да не поднесат оставка и да речат ќе тераме додека не ни завршат мандатите, што се надевам дека нема да се случи. Мислам дека ќе бидат доблесни и ако се изгласа интерпелацијата, ако заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат“,

рече Мицкоски.