Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва ќе го отвори 65-то издание на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“, кој традиционално се одржува во Античкиот театар.
Фестивалот ќе започне со гала концерт на американската пијанистка Клер Хуангчи, која ќе настапи со Македонската филхармонија под диригентството на маестро Едвин Оутвотер.
Од утре, во текот на следните 40 дена, Охрид ќе биде домаќин на уметници од различни делови на светот, кои ќе презентираат бројни квалитетни уметнички содржини во областите на музиката, театарот, балетот и визуелните уметнички доживувања. На сцените во градот ќе настапат познати пијанисти како што се Михаил Пљетњов и Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, а тука е и виолончелистот Даниел Мулер Шот. Познатата уметница на кастањета, Лучера Тено, ќе настапи во дует со еден од најпрестижните светски харфисти, Хавиер де Маестре.
Во музичкиот дел од програмата, ќе се претстави и гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија, како и оркестарот Симфониета ди Болоња, претставници на водечките национални оркестри. Планирана е и претстава за деца, како и два џез-концерти, вклучувајќи настап на охридскиот уметник Дамјан Пејчиновски и Националниот џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути, со што фестивалот ќе се обиде да ги задоволи и најизбрани уметнички вкусови.
На 3 август, планиран е мега-спектаклот „Кармина Бурана – Симфонија на Битовите“, на кој ќе учествуваат повеќе од 70 уметници.
Меѓународниот фестивал „Охридско лето“ традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата.




