Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница во женското одделение на КПУ-КПД Идризово во Скопје, каде се сретна со осуденичките кои активно учествуваат во процесот на шиење и везење. Тие ја информираа за своите работни активности, мотивацијата за работа и вештините што ги стекнале, а исто така ги презентираа своите производи – торби, марами и несесери, кои се продаваат надвор од затворот под девизата „везење надеж зад решетки“.
Шивачката работилница е отворена благодарение на иницијативата на модната дизајнерка Ирина Тошева, која исто така е менторка на осуденичките. Сиљановска-Давкова ја оцени работилницата како позитивен модел за ресоцијализација, кој е самостоен и профитабилен. Таа ја истакна важноста на соработката помеѓу затворската управа и општествено одговорните компании, што резултира со успешни приказни за реинтеграција, и го охрабрише проширувањето на ваквите иницијативи во други затворски одделенија.
Претседателката посочи дека ресоцијализацијата е клучна цел на казнено-поправниот систем, нагласувајќи дека казната не значи само изолација, туку и подготовка на осудените за активно учество во општеството.
Во рамките на посетата, Сиљановска-Давкова се сретна и со директорот на установата, Зоран Јовановски, и директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов. Тие ја информираа за условите и сопствените иницијативи за подобрување на ситуацијата во затворот, вклучително и проблематиката со човековите права, здравствената заштита и недостатокот на сместувачки капацитети. Беше поздравено и функционирањето на затворска судница, која осигурува безбедни услови и пониски трошоци за судските процеси.
Претседателката повторно ја изрази потребата за нов Закон за помилување, нагласувајќи дека при помилувањето се оценува не делото, туку процесот на ресоцијализација на затворениците. Работниот ангажман на осудените лица е предвиден во Законот за извршување на санкциите, со што тие стекнуваат практични вештини и работни навики, зголемувајќи ја својата шанса за вработување по излегувањето од затвор и намалувајќи го ризикот од повторно кршење на законот.
Во знак на благодарност, осуденичките ѝ подарија рачно изработена торба на претседателката, а таа, како поддршка, купи новогодишни подароци од нивните производи.




