Сиљановска-Давкова и Вучиќ договорија заедничка посета на Св. Прохор Пчински на 2 Август

Заедничката посета по повод чествувањето на Илинден, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, е во духот на добрососедските односи и продлабочување на пријателските врски на двата народи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот српски колега Александар Вучиќ денеска во телефонски разговор договориле заедничка посета на манастирот Свети Прохор Пчински во Србија на 2 Август, кога се одбележуваат 80 години од првото заседание на АСНОМ.

Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка на РСМ / Фото: Претседателски кабинет

Заедничката посета по повод чествување на Илинден, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, е во духот на добрососедските односи и продлабочување на пријателските врски на двата народи.

Шефицата на државата, меѓу другото, му се заблагодарила на Вучиќ за помошта на Србија во справувањето со пожарите во земјава и ја потенцирала важноста од засилена регионална соработка во поглед на справување со природните катастрофи.

„Во разговорот беа потврдени одличните билатерални односи и беше истакната подготвеност за натамошно унапредување на македонско-српското пријателство, за конкретизирање на соработката во повеќе области и јакнење на меѓусебната поддршка во однос на европските перспективи и процесите на евроинтеграција на двете земји“,

посочуваат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во објава на социјалните мрежи го оцени разговорот со Сиљановска-Давкова за срдечен и ја потврди договорената посета на манастирот Свети Прохор Пчински за Илинден.

„Ја искористив приликата да ја поканам мојатап почитувана колешка да ја посети Србија, со цел конкретизирање на некои од плановите кои ќе ја подигнат нашата соработка на повисоко ниво“,

објави Вучиќ на социјалните мрежи.

- Реклама -