Премиерно прикажан документарецот на Тамара Котевска пред македонската публика
Документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, кој вчеравечер се прикажа пред македонската публика, целосно ги оправда очекувањата. Преполната сала во Македонскиот народен театар на крајот од проекцијата ечеше од громогласен аплауз и долги овации.

„Приказната за Силјан“ никого не остави рамнодушен: силно емотивна, визуелно магична – преку приказот на штрковите, таа носи реална и актуелна порака до сите!

Филмот го прикажува животот на македонскиот земјоделец Никола, чииот труд и производството од плодната земја често не се ценети. Приказната се фокусира на неговата загрозена егзистенција, иселувањето на потомците поради подобар живот и разделбата со најмилите. Оваа емотивна димензија ја разбуди најдлабоката емоција кај гледачите, прикажувајќи на реален начин животите на илјадници македонски семејства чии млади ја напуштаат земјата, работејќи „за туѓи, непознати имоти“.

Документарецот е богат со реални, емотивни сцени, а визуелната убавина на летот на штрковите и природата доловена преку камерата на Жан Дакар создава впечаток на магична, недопрен атмосфера. Овој прекрасен свет, на кој му се заканува уништување, е дополнет со музика на Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк. Филмот покажува и животниот циклус на штрковите, од испилувањето во гнездата до нивното патување на југ. Неодредени сцени, како од игран филм, на гледачите им даваат простор за размислување за реалноста и желбите.

Поврзаноста на Никола кој наоѓа повреден штрк и започнува да се грижи за него од чувството на осаменост, како и парадоксот на македонската бајка „Силјан штркот“, уште повеќе ја истакнува отуѓеноста од семејството и копнежот за домот. Оваа симболика, која е толку блиска и актуелна, е навистина доживеана од македонскиот публикум при проекцијата.

Користејќи елементи од богатата традиција, од паганството до современото живеење, филмот прикажува долгата поврзаност на македонскиот народ со неговата земја. Со мистични и реални сцени, „Силјан“ е наша приказна, за нашиот народ, за она што сме и што можеме да промениме на подобро.

Пораката која произлегува од филмот е јасна и од птичјата перспектива на штрковите – наша прекрасна земја која ја трансформираме во депонија, уништувајќи ги луѓето и животните што зависат од неа. Треба гласно да одекне, како што летаат штрковите, за да стигне до сите!
Филмот доби многу позитивни рецензии од светската критика по својата премиера на Венецискиот фестивал, а истите оценки усвои и македонската публика, која често е најкритична.

По проекцијата, режисерката Котевска изрази задоволство, кажувајќи: „Не можам да изразам колку сум возбудена. За мене, настанот пред домашната публика е непроценлива поука. Ова е моја најголема гордост. Овој филм е создаден за нашата публика, и ми е мило што го виде светот, но уште поважно, што сите вие го гледате и што ќе го гледа цела Македонија.“
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство ѝ даваат смисла на животот, па затоа создава приказни за нив.
– Приказните од непознатите места во Македонија ми се особено важни и сакам да ги промовирам. Тие места понекогаш изгледаат заборавени, но всушност тие се основата на нашата култура, а нашите корени се чуваат таму. Посакувам некои работи од филмот да се променат, но исто така и други да останат исти, истакна Котевска.

На премиерата на „Силјан“ присуствуваа бројни познати личности и дел од државниот врв, вклучувајќи ја претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
Нивните реакции на социјалните мрежи исто така беа позитивни.

Претседателката Сиљановска-Давкова напиша: „Филмот е моќна приказна за семејството и односите помеѓу човекот и природата, особено во борбата за пристоен живот. Се чини дека, далеку од дома, полесно ја разбираме потребата од припадност на некое место.“

Премиерот Мицкоски изрази: „Приказната за Силјан“ докажува дека македонската кинематографија има моќен глас кој одекнува далеку надвор од нашите граници.”
– Филмот допира од Скопје до Њујорк. Искрени честитки за брилијантното остварување! Ова е само првиот од многуте успеси на кои ќе се гордееме, додаде Мицкоски.
Министерот за култура, Зоран Љутков, исто така нагласи дека филмот е моќна приказна за човекот и штркот Силјан, раскажана со исклучителна чувствителност и визуелна убавина.

Филмот е копродукција на американската „Конкордија“ и британската „Корнершоп“, а продуценти се Котевска, Жан Дакар, Јорданчо Петковски и Ана Хашми. Оригиналната музика е создадена од Џо Вилсон Дејвис и Хун Оукпарк. Главните протагонисти во документарецот се Никола Цонев, Јана Цонева, Илина Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева, Стојче Филипов и Иле Стојковски.
Од 15 јануари, „Силјан“ ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови. (Н.И.Т.)




