Психоделичниот визионер
Со Pink Floyd, Барет создаде музика што беше подеднакво експериментална и мелодична. Неговиот придонес во албумот The Piper at the Gates of Dawn (1967) ги постави темелите на психоделичниот рок. Нумерите како „Interstellar Overdrive“ и „Astronomy Domine“ ја истакнаа неговата фасцинација со космичките теми, додека „Bike“ и „The Gnome“ ја разоткрија неговата инфантилна страна, но истовремено и бизарната, исчашена поетика.
Барет ја воведе музичката апстракција на голема врата, која подоцна ќе стане инспирација за многу жанровски проекти. Неговото умеење да го искомбинира несекојдневното со лирска длабочина и ексцентричен пристап, го прави да биде позициониран како еден од првите уметници кои го создадоа и го популаризираа концептот на „албумски универзум“, кој дотогаш не беше вообичаен во рок-музиката.
Влијанието врз новиот бран и пост-панкот
Иако Барет ја напушти групата Pink Floyd во 1968 година поради менталните проблеми и проблематичниот животен стил, неговото наследство продолжи да ги инспирира генерациите што следеа. Неговиот сензибилитет и наклонетоста кон авангардното и необичното станаа референтна точка за музичарите од новиот бран и пост-панкот.
Joy Division и The Cure: Мрачната, емотивна интензивност на овие бендови носи одек и претставува ехо на личната и музичката ранливост на Барет. Песните како „Decades“ од Joy Division ја доловуваат егзистенцијалната меланхолија што Барет ја претставуваше во своите соло албуми.
Siouxsie and the Banshees: Нивниот експериментален пристап и наклонетост кон психоделичните елементи се директно инспирирани од неговото творештво.
David Bowie: Како голем обожавател на Барет, Bowie често го наведуваше како инспирација за својот еклектичен стил и раната психоделична фаза.
Барет и алтернативната музика
Алтернативната музика, особено во 1980-тите, го користеше неговото наследство како симбол, патоказ на креативна слобода и уметничка храброст. Бендовите како Sonic Youth, Radiohead и многу други експериментални артисти навистина често ги наведуваат неговите соло албуми како инспирација. Делата како The Madcap Laughs (1970) и Barrett (1970) се одличен пример за тоа како музиката може да се движи помеѓу хаос и структуираност.
Сид Барет не само што ги предвиде, туку на некој начин и ги дефинираше основните постулати на експерименталната музика. Неговото влијание е особено видливо во смелоста на алтернативните бендови да ја комбинираат емоционалната ранливост и меланхоличната нишка со сонична иновација.
Сид Барет беше повеќе од музичар – тој беше уметнички визионер кој ги избриша границите помеѓу реалноста и имагинацијата. Неговата креативна работа, и покрај релативно краткото активно време на сцената, продолжува да инспирира и да влијае врз современата музика. На годишнината од неговото раѓање, го славиме Барет како симбол на уметничката индивидуалност, личност која покажа дека музиката не мора само да се слуша – таа може и треба да биде доживеана како авантура во непознатото.
Автор: Јане Алтипармаков