Зимските олимписки игри во Милано и Кортина привлекоа внимание со многу импресивни моменти, а еден од најзначајните се случи во понеделникот, во женскиот монобоб.
Американката Елана Мејерс Тејлор освои златен медал, со што се запиша во историјата како најтрофејна зимска олимпијка во американската историја, истовремено станувајќи и најстарата Американка со злато на Зимските олимписки игри.
На четиридецениската Мејерс Тејлор и беше потребно вкупно време од 3:57,93. Во неизвесниот финиш, таа се покажа побрза од Германката Лаура Нолте, која го освои среброто со минимална разлика од четири стотинки (3:57,97). Бронзениот медал и припадна уште една Американка, Кајли Армбастер Хамфрис, чие време изнесуваше 3:58,05.
Со оваа победа, Мејерс Тејлор се израмни со легендарната брзолизгачка Бони Блер, станувајќи најтрофејна американска спортистка на Зимските олимписки игри. Двете сега имаат по шест олимписки медали. Исто така, Мејерс Тејлор стана најстарата Американка во историјата што освои златен медал на овој натпревар.
Мејерс Тејлор има освоено медали на сите Зимски олимписки игри на кои учествувала од 2010 година наваму. Во Ванкувер 2010 година, таа освои бронза со Ерин Пак, а потоа следеа две сребра во боб со две седишта – во Сочи 2014 година со Лорин Вилијамс и во Пјонгчанг 2018 година со Лорен Гибс. На Игрите во Пекинг во 2022 година, таа освои сребро во боб со едно седиште и бронза во боб со две седишта.
Фото/ EPA




