Секој седми граѓанин во Македонија е член на политичка партија, покажало истражување

Во Македонија најчесто се гласа по етничка линија, висок е процентот на граѓани кои се декларирале како членови на политички партии, а дури третина од нив на ланските избори учествувале на собири или јавни настани организирани од политичка партија. Ова го покажува  Компаративното истражување на изборните системи (КИИС) во кое учествуваа Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (ИСППИ-УКИМ), во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Програмата за поддршка на изборите во Северна Македонија (ИФЕС).
Доцентот Јован Близнаковски од ИСППИ потенцира дека земјава првпат е дел од оваа голема меѓународна анкета што се спроведува веќе 25 години и дава преглед на изборното однесување на граѓаните во земјата.
-Главните наоди покажуваат јасно дека во Македонија многу се гласа по етничка линија, тоа е нешто што веќе го знаеме. Меѓутоа со овие наоди можеме и да дојдеме и до некој пресек на тој опсег на етничко гласање. Има исклучоци од етничко гласање, меѓутоа се многу ретки и се однесуваат само на одредени политички опции, истакна Близнаковски.
Истражувањето јасно покажува дека нашата земја е меѓу оние со најбројни членства во политички партии во Европа. Според податоците од истражувањето 13, 3 проценти од испитаниците кажале дека се членови партии, што не е многу помалку од 2017 година кога било 13,6 проценти. Просекот во ЕУ, како што беше истакнато е 3 до 5 проценти. Врз основа на овие податоци секој седми граѓанин кај нас е член на политичка партија.
-Граѓаните се многу често инволвирани во партиски активности. Голем дел од граѓаните имаат чести, дури на месечно ниво, партиски активности. Граѓаните се често инвовлирани во кампањата. На пример, со ова истражување знаеме дека во текот на изминатата изборна кампања дури третина од граѓаните учествувале на некои собири, како митинг, или јавен настан организиран од политичка партија, вели тој.
Жените и младите се помалку вклучени во политичките процеси, а врз основа на истражувањето младите на возраст од 18 до 24 година се помалку заинтересирани за партиско инволвирање. Тоа, смета, доцентот Близнаковски, се некои работи што ќе треба во иднина да ги надминеме со цел да постигнеме некое покохезивно општество.
Со ова истражување се покажува низ бројки дека партиите имаат постојано гласачко тело, но и колку гласови се прелеале од една во друга партија или коалиција.
На прашањето дали на сите избори гласате за иста партија, 37,4 % од испитаниците одговориле потврдно, 29, 8 % дека на повеќето избори гласаат за истата партија, 25,3 % дека гласаат за различна партија додека 1,1% дека никогаш не гласа.

Извор