Седум години од смртта на Влатко Илиевски

Денеска се одбележуваат седум години од смртта на познатиот македонски пејач и актер Влатко Илиевски, кој премина на 33 години.

На 6 јули 2018 година, во вечерните часови, Влатко беше пронајден безживотен во својот автомобил „Тојота“.

Својата музичка кариера ја започна во раните 2000-ти и брзо стана популарен меѓу македонската публика, интерпретирајќи композиции со елементи на поп и рок. Во 2011 година, Влатко ја претставуваше Македонија на Евровизија во Германија со песната „Русинка“.

Пред да започне соло кариера, тој беше член на музичката група „Морал“. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а дипломската претстава му беше „Гнев“ по Стивен Кинг. Од својата 12-та година, почна да свири на гитара во локалните бендови во Скопје.

Неговите први значајни чекори ги направи со групата „Made in Macedonia“ во 2000 година, кога освоија две награди. Истата година, „Морал“ го покани да им се приклучи, и во 2001 година, тие ја снимаат својата прва музика, а во 2003 година го објавуваат албумот „Кога патувам“.

Овој албум содржи песни како „Панично те сакам“, „Скопје“, „Ти си“, „Ова е Македонија“ и „А ти ме убиваш“. Во 2005 година, „Морал“ настапија како предгрупа на концертот на „Дип Прпл“ во Скопје.

Влатко Илиевски роден е на 2 јули 1985 година во Скопје. Во 2022, на својот роденден, беше објавен неговиот албум „Последно танго“, составен од необјавени композиции. На албумот се наоѓаат 14 песни, коишто ги авторизираат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова, а и познатиот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача.