Се стравува дека Богоев може да избега и да влијае на сведоци, па затоа се бара да биде ставен во притвор: ако обезбедат гаранции, може да биде пуштен на слобода.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција започна истрага против четири лица осомничени за злоупотреби поврзани со јавни набавки и коруптивни активности. За сите осомничени е побарана мерка притвор. Обвинителката Искра Хаџи Василева, која раководи со предметот во кој е вклучен и поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, изјави дека истрагата е во почетна фаза, но досега обезбедените докази укажуваат на потребата од најстрога мерка.

„Обвинителството отвори истрага за четири лица кои ги товариме за постапки поврзани со јавни набавки и коруптивни дејствија. Иако е рана фаза на истрагата, нашите сомневања и квалитетот на доказите ни налагат да предложиме притвор, кој, иако е најстрога мерка, изгледа оправдан“, изјави Хаџи Василева.

Таа нагласи дека одбраната на осомничените активно учествувала во постапката и дека се разгледува можноста за понуда на гаранции. „Имавме проактивен однос од одбраната на сите осомничени, која размислува за понуда на гаранции. Роковите се кратки, а одлуката на судот засега не е позната. Ова размислување е значајно бидејќи се работи за финансиски криминал“, рече обвинителката.

Прочитајте и:  Дали сакаш да свириш? Пријави се за настап на „Алтернативно Скопје #5“!

Според неа, истрагата продолжува и во овој момент постојат причини за загриженост дека осомничените можат да влијаат на постапката или да се обидат да избегаат. „Во моментот, постои страв од влијанија врз процесот и можноста за бегство“, изјави Хаџи Василева.

Во случајот се води истрага за сомневања за незаконитости поврзани со јавни набавки и коруптивни дејствија, а конечната одлука за можен притвор ќе ја донесе Кривичниот суд.