СДСМ ги обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски за неисполнување на Реформската агенда, истакнувајќи дека остануваат само девет дена до рокот што премиерот сам го постави за реализирање на клучните обврски.
„Само 9 дена остануваат до 1 јуни – рокот што Христијан Мицкоски го зададе за исполнување на сите 10 точки од Реформската агенда“, соопштуваат од партијата.
Според СДСМ, од вкупно десет точки, досега се реализирани само две, и тоа делумно. „Веќе за неколку дена требаше да се завршат осум. Ова не е реформа, туку обнова на лагата“, велат од опозициската партија.
Тие обвинуваат дека Владата намерно ги блокира реформите и напредокот кон Европската унија. „Мицкоски не ги реализира реформите бидејќи не сака да ги исполни. Тој е против независно судство, Европско јавно обвинителство и внесување на малцинствата во Уставот“, истакнуваат од СДСМ.
Дополнително, укажуваат дека наместо да се движи кон европски интеграции, државата сега се наоѓа на пат кон изолација и нови одолговлекувања. „Тие девет дена ќе покажат дека Мицкоски не сака ЕУ. Тој посакува власт без контрола“, истакнуваат од СДСМ на крајот, повторувајќи ја нивната порака: „Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега.“



