СДСМ: Нигде во Европа не постои толку корумпирана Влада, техничката влада мора да остане.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија смета дека споредбите со земјите од Европската Унија, кои се користат како аргумент за укинување на техничката влада, претставуваат директна манипулација на јавноста. „Нигде во Европа не постои толку корумпирана власт како што имаме ние денес. Токму поради тоа, неопходен е контролен механизам каков што е техничката влада“, истакнуваат од СДСМ.

Според партијата, таа таканаречена тендер коалиција ВМРО–ЗНАМ се противи на техничката влада бидејќи не сака да дозволи влез на министер од опозицијата во институциите, кој би можел да има увид во целокупната документација и во, како што наведуваат, бројните злоупотреби и коруптивни шеми. Како пример го спомнуваат скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребата на европските средства, поради што беше приведен директор од редовите на ВМРО.

Од СДСМ велат дека тоа е јасен показател дека присуството на опозициски министер би можело да отвори нови случаи на криминал во ресорните министерства. „Тендер коалицијата се плаши токму од тоа – од откривање на пандорината кутија со криминалните тендери и злоупотреби“, додаваат тие.

Партијата потенцира дека без техничка влада не може да се организираат праведни и фер избори, бидејќи ќе недостасуваат механизми за контролирање и спречување на изборни злоупотреби. Затоа, според СДСМ, техничката влада мора да остане како гаранција за демократски и кредибилни избори.