Актуелниот лидер на партијата Венко Филипче, за претседател беше избран на вонредни внатрепартиски избори на крајот на јуни, минатата година, откако неговиот претходник на функцијата, Димитар Ковачевски си поднесе оставка по лошиот резултат на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) на 16 март ќе избира претседател на редовни внатрепартиски директни избори, одлучил Централниот одбор на партијата.


Централниот одбор на седницата што ја одржал денеска попладне, како што соопштија од партијата, избрал нов состав на централната изборна комисија и го усвоил правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на партијата.
На седницата бил одобрен и планот за интензивни теренски активности кои ќе почнат овој месец, а кои предвидуваат средби со членовите и граѓаните ширум земјата. Паралелно, како што информираат од СДСМ, ќе течат и подготовките за локалните избори оваа година.
„Согласно статутарните одредби, Централниот одбор донесе Одлука за распишување на директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ, кои ќе се одржат на 16 март 2025 година. СДСМ е единствената партија во земјата во која членството бира претседател на дирекрни внатрепартиски избори што говори за демократскиот капацитет и на партијата и на членовите“,
се вели во соопштението од партијата.
Актуелниот лидер на партијата Венко Филипче, за претседател беше избран на вонредни внатрепартиски избори на крајот на јуни, минатата година, откако неговиот претходник на функцијата, Димитар Ковачевски си поднесе оставка по лошиот резултат на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори.
На состанокот на Централниот одбор на СДСМ станало збор и за инфлацијата и економската состојба во земјава, при што било оценето дека поради погрешните политики на актуелната власт животниот стандард на граѓаните се влошува.


„Граѓаните имаат се помалку пари додека платите стагнираат. Власта покажува голема неспособност, нема одговор за покачувањето на цените, за осум месеци не понуди ниту една успешна економска мерка додека во здравството се случува хаос и недостаток на лекови, образованието уназадува и генерално земјата се движи во погрешна насока. СДСМ останува посветена на борбата за подобар животен стандард. Како одговорна партија СДСМ ќе понуди пакет на законски решенија за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните“,
се наведува во соопштението на СДСМ.