СДСМ бара оставки од Таравари и Мемеди: Бројот на починати деца на Детската клиника е алармантен

Не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме, велат од опозициската партија и инсистираат на темелна истрага, длабоки анализи и превентивни мерки за, како што велат, да се најде изворот на ваквите трагедии

По последниот случај со починатото деветгодишно дете на Детската клиника, но и смртта на близначињата новородечиња од Прилепско, опозицискиот СДСМ денеска побара одговорност и оставки од министерот за здравство Арбен Таравари и од директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди.

Белкиса Зеќири – членка на Извршниот одбор на СДСМ

Не можеме да чекаме да умираат деца за потоа да реагираме, велат од партијата и инсистираат на темелна истрага, длабоки анализи и превентивни мерки за, како што велат, да се најде изворот на ваквите трагедии.

„Ја повикуваме актуелната власт да го спречи враќањето на старите практики и високите стапки на смртност. Здравствениот систем мора да функционира одговорно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Изминатиов период за жал скоро секој месец сме сведоци на вести за починати деца на Клиниката за детски болести. Состојбата е повеќе од алармантна. Во 21 век, во време кога во светот се лансираат современи технологии во здравствениот систем, нашата статистика лани за само шест месеци регистрираше 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова е страшно и загрижувачки!“,

велат од СДСМ.

Од опозициската партија побараа случаите со близначињата од Прилепско и деветгодишното дете од Свети Николе итно да се истражат, а причините за нивната смрт да бидат транспарентно соопштени.

„Овие трагедии отвораат низа прашања не само за Клиниката за детски болести, туку и за целокупниот здравствен систем, за кои јавноста заслужува итни и јасни одговори. Како се случуваат ваквите пропусти? Каде затајува системот? Дали се прават обиди за прикривање лекарски грешки?“,

додаваат од партијата.

На ваквите коментари реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

На социјалдемократите им порачаа дека ги води човек кој своевремено беше министер за здравство во владата на СДСМ и ДУИ и во чие време, во здравството не се направило ништо за подобрување на условите.

„Филипче го интересираа само личните и бизнис-интереси на тендерашот и негов претходник Зоран Заев. Наместо да ги средува и да ги подобрува условите во здравството, Филипче како министер го интересираа само провизиите од местењето тендери. Само затоа што го интересираа само провизии од тендерите, Филипче како министер за здравство дозволи да се постави криминална модуларна болница во Тетово, во која живи изгореа 14 лица. А одговорност за тоа, Филипче не сноси зашто, замислите, кабелот бил крив“,

велат, меѓу другото, од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -