СДК: ШКОЛСКИ ДВОРОВИ ВО СКОПЈЕ ПРЕТВОРЕНИ ВО КАФЕАНИ

Дворовите на училиштата во Скопје се претворени во кафеани. Со дозвола на Општините, директорите на училиштата ги издаваат дворовите на приватни фирми под закуп, со образложение дека ќе се градат спортски терени кои за време на наставата ќе можат да ги користат и учениците.

После завршување на наставата, спортските терени ги користат спортски клубови или граѓани кои спортуваат до доцна во ноќта. Но, наместо само за спортски активности, во дворовите никнуваат кафулиња, во кои, иако се наоѓаат во воспитно-образовни институции на малолетници се точи алкохол, се прават родендени, забави, па дури и свадби.

Преку алатката Пријави проблем, САКАМДАКАЖАМ.МК доби реакции од граѓани кои наведуваат училишни дворови претворени во кафеани. Според анкетата, на територијата на Општина Центар како училишни дворови кои се изнајмени за спортски активности се наведуваат основните училишта „Димитар Миладинов“ и „11 Октомври“, во Општина Аеродром училиштето „Блаже Конески“, а во Општина Кисела Вода за балони издадени се дворовите на училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“. Во Општина Карпош издаден е училишниот двор на „Петар Поп Арсов“ за приватна градинка.

Во овие училишта кои се надлежност на Општините нема кафулиња, но граѓаните се жалат дека до доцна во ноќта има спортски активности и летно време има голема бучава.

Најекстремен случај за издадени дворови се средните училишта „Јосип Броз-Тито“ и „Георги Димитров“. Тие буквално се претворени во кафеани. Во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, закупецот покрај кафуле кое работи преку цел ден и е буквално залепено до школото има поставено балон за фудбал, а низ дворот летно време има најразлични детски реквизити односно претворен е во игротека со лизгалки, лулашки, трамполини. Постојано во училишниот двор се организираат детски родендени и се точи алкохол, а исто така навечер се прават и забави.

Кафуле кое е заградено со стакло и во него се поставени греалки има и во дворот на гимназијата „Георги Димитров“. И во него може да влезе кој сака додека има настава, а навечер се прават забави, па дури и свадби.

Спортски терени со кафуле има и во средното училиште „Никола Карев“, а според пријавите кои ги добивме од граѓаните, во средното економско училиште „Арсени Јовков“ во Бутел дворот е издаден за автоперална.

Оваа пракса за издавање на училишните дворови под кирија трае со години. Објаснувањата на директорите се дека на тој начин училиштата ќе имаат дополнителни приходи кои ќе ги вложат во подобрување на условите.

Целата статија ТУКА

- Реклама -