Санторини го погоди досега најсилниот земјотрес со јачина од 5,3 степени – почувствуван е и во Атина

Според првичните проценки, во една минута се случиле два земјотреси, но потоа е извршена корекција и е потврден еден земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтер, со епицентар на 14 километри југозападно од Аркесини, меѓу островите Аморгос и Санторини, со фокусна длабочина од 17 километри

Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала вечерва во 22 часот по локално време е почувствуван на грчкиот остров Санторини. Ова е најсилниот во серијата земјотореси што изминатата недела го погодија морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос.

Според првичните проценки, во една минута се случиле два земјотреси, но потоа е извршена корекција и е потврден еден со јачина од 5,3 степени според Рихтер, со епицентар на 14 километри југозападно од Аркесини, меѓу островите Аморгос и Санторини, со фокусна длабочина од 17 километри.

Земјотресот е почувствуван и на околните острови, но и во делови на Атина.

Утрово е регистриран земјотрес од 5,2 степени според Рихтер.

Поради интензивна сеизмичка активност, грчката влада прогласи вонредна состојба на Санторини откако егејскиот остров беше погоден од серија земјотреси во последните денови, што предизвика евакуација на повеќе од 11 000 жители и туристи.

Училиштата на островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, поради земјотресите ќе бидат затворени и оваа седмица, со одлука на Комисијата за процена на сеизмичката опасност и на Комисијата за следење на вулкански активности при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.