Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа изјави дека специјалниот претставник Стив Виткоф би можел да отпатува за Русија, можеби в среда или четврток. Тој истакна дека ако Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, ќе бидат воведени санкции.
„Санкции ќе има, но се чини дека Русија е доста вешта во избегнувањето на таквите мерки“, им рече Трамп на новинарите пред да се качи на „Ер Форс Уан“ по посетата на својот голф клуб во Њу Џерси. „Тие се интелигентни и знаат како да се справат со санкциите, па останува да видиме каков ќе биде исходот“, додаде тој.
Дополнително, Трамп спомена дека за некои Американци може да се појави можност за добивање на дивиденди или некаква форма на компензација како резултат на царините со американските трговски партнери.
„Постои шанса за распределба или дивиденда за граѓаните во нашата земја, особено за оние со средни и ниски приходи“, рече тој.




