Во Собранието беше доставен предлогот за нови министри од коалицијата “Вреди”, информираа од кабинетот на претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши. Новите министри ќе ги заменат избраните градоначалници, Изет Меџити, кој досега беше прв вицепремиер и министри за животна средина и просторно планирање, како и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Поранешниот владин портпарол, Мухамед Хоџа, е предложен за министер за екологија. Актуелниот пратеник и поранешен министер за здравство, Беким Сали, треба да го замени Муртезани, кој се очекува да биде разрешен на следната собраниска седница.
Во деловникот не е определен рок за одржување на седницата за избор на нови министри. Дали ќе дојде до промени во ресорот здравство, но и во другите министерства, ќе се знае по партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој е закажан за 6-ти декември во Кавадарци.




